Специјалниот пратеник на американскиот претседател за Блискиот Исток и негов зет, Џаред Кушнер, пристигна во Израел, каде што се очекува денеска да се сретне со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.
Кушнер претходно одржа ретки разговори со Хамас за спроведување на американскиот мировен план за Газа.
Минатиот месец, „Одборот за мир“ на Трамп соопшти дека постигнал договор за „целосно разоружување“ на Хамас и другите вооружени групи во Газа.
Но, минатата недела, Израел го отфрли планот од 15 точки, кој предвидува и повлекување на израелските сили и обнова на Газа под нова цивилна палестинска администрација.
Осум муслимански земји во неделата издадоа заедничко соопштение во кое го осудија отфрлањето на планот од страна на Израел.
Според информациите кои ги потврдија палестинските претставници, Кушнер вчера во Египет се сретнал со делегацијата предводена од новиот лидер на Хамас, Калил ал-Хаја. Се наведува дека разговорите биле фокусирани на конкретните чекори кои треба да бидат преземени за разоружување на Хамас, повлекување на израелските сили и хуманитарни активности.
Но, засега нема никакви навестувања дека екстремно десничарската влада на Израел, предводена од Нетанјаху, воопшто е подготвена да го прифати мировниот план, инсистирајќи наводно на целосно разоружување на Хамас.
Израел практично и по прекинот на огнот кој стапи на сила на 10-ти октомври минатата година, не ги прекина речиси секојдневните напади во Газа, во кои биле убиени повеќе од 1 200 луѓе и најмалку 300 деца.












