Професионален боксер од Авганистан денеска се појави пред суд во Атина, откако е осомничен за убиството на 38-годишната Шкотланѓанка Елизабет Џејн Рос, чие тело беше пронајдено во куфер на напуштено градилиште во атинската населба Кипсели, пренесува „Екатимерини“.
Осомничениот ја негира вината, а судот му одобри дополнителни 24 часа за да одговори на обвиненијата.
Според грчката полиција, истрагата се темели на сведочењето на неговата сопруга, податоци од мобилни телефони и снимки од безбедносни камери на кои наводно се гледа како осомничениот носи куфер во близина на местото каде што било пронајдено телото.
Тој е обвинет за убиство, разбојништво и нелегално поседување оружје, а обвиненијата може дополнително да се променат со текот на истрагата.
Жртвата, психотерапевт и хуманитарна работничка, исчезнала на 15 јули, а полицијата тврди дека осомничениот по нејзината смрт ја користел нејзината банкарска картичка за подигнување пари и испраќал пораки од нејзиниот телефон за да создаде впечаток дека е жива.
Судот утре ќе одлучува дали осомничениот ќе остане во притвор до почетокот на судскиот процес.












