Вести Најважни Свет

Трамп најави дека САД ќе раководат со Венецуела и влез на нафтените компании од САД во земјата

Соединетите американски држави ќе раководат со Венецуела сѐ додека не бидат создадени услови за безбедна и праведна транзиција на власта, во земјата ќе влезат најголемите американски нафтени компании а Николас Мадуро ќе одговара пред американските судови за трговија со дрога.

Ова се накусо клучните поенти од првата прес-конференција на американскиот претседател, Доналд Трамп, откако во раните утрински часови специјалните сили на САД, Делта Форс, влегоа во Каракас, го заробија и извлекоа од државата досегашниот лидер на Венецуела, Николас Мадуро.

Сепак, без сомнение, највпечатливиот дел од пресот на Трамп беше неговото навестување дека САД ќе го преземат управувањето со Венецуела.

„Ние ќе раководиме со земјата сѐ додека не се создадат услови за безбедна, правилна и праведна транзиција. Мора да биде праведна, затоа што за нас тоа е најважно. Ние сакаме мир, слобода и правда за големиот народ на Венецуела и тоа вклучува многумина од Венецуела кои сега живеат во САД и сакаат да се вратат во државата. Тоа е нивната земја. Не можеме да ризикуваме дека некој друг ќе ја преземе Венецуела“ – изјави Трамп.

Под притисок на новинарските прашања, за тоа кој во Венецуела би можел да биде дел од групата луѓе кои би помогнале во раководењето со државата, Трамп кажа дека државниот секретар на САД, Марко Рубио, разговарал со потпретседателката Делси Родригез. Според Трамп, таа изразила подготвеност да направи сѐ што сметаат дека треба Соединетите држави.

Американскиот претседател и потврди дека американските нафтени компании ќе ја преземат контролата над нафтените инсталации во Венецуела, додавајќи дека тоа пред сѐ ќе биде направено за доброто на луѓето во оваа јужноамериканска држава.

„Нашите многу големи нафтени компании од САД, најголеми во целиот свет, ќе влезат и ќе инвестираат милијарди долари да ја поправат многу оштетената инфраструктура, нафтена инфраструктура и ќе почнеме да правиме пари за земјата“ – рече Трамп.

Партнерството на луѓето во Венецуела со САД ќе ги направи жителите на оваа држава, според Трамп – богати , независни и безбедни. Американскиот претседател потврди дека силите на Мадуро во неговата палата биле брзо и ефикасно совладани.

Заробувањето на Мадуро предизвика различни реакции во самата држава, но и во Јужна Америка, особено државите каде засолниште од неговиот авторитарен режим побараа десетици илјади жители на Венецуела.

Дел од нив денеска слават, верувајќи дека слободата им е на дофат, додека за лојалните поддржувачи на Мадуро, американската операција е само продолжување на империјалните амбиции на САД.

На Мадуро сега пред американските судови ќе му се суди за нарко-трговија, додека шефот на американската држава, кој својата популарноста кај републиканците ја градеше со критиките на војната во Ирак и политиката на промена на режимите во светот, сега најавува слична таква политика во Венецуела.

Тоа секако нема да биде едноставно. Економијата на Венецуела е во руина. Индустриската инфраструктура на земјата е застарена и во распаѓање а политичката стабилност поткопана со децениско авторитарно владеење.

Најверните следбеници на Трамп, од движењето МАГА, особено се противат на распоредување на американски војници во странски држави а Трамп денеска најави дека тоа може да биде неопходно.

Никола Илиевски

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

ССМ: Зголемувањето на старосната граница за пензионирање нe е е решение за покривање на дефицитот на Пензискиот фонд

Дејан Дејан

Крадци ноќеска испразниле банкомат во трговски центар во Скопје

Kristina Kuzmanovski

Усвоени измени на Законот за финансиски лизинг

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе