Повеќекатна зграда во изградба во Најроби се урна оставајќи десетици луѓе заробени под урнатините. Зградата се наоѓа во област на Најроби позната како Јужен Ц, според кенискиот Црвен крст, а локалните медиуми велат дека станува збор за 16-катна зграда.
„Кризниот тим на Црвениот крст е на лице место и се справува со ситуацијата“, се вели во соопштението на Црвениот крст на Кенија.
Засега нема конкретен одговор од тамошните власти за можната причина за уривањето или бројот на жртви. Паѓањето згради е честа појава во Најроби, каде што побарувачката за домување е голема, а инвеститори честопати ги заобиколуваат прописите или едноставно ги прекршуваат градежните прописи со цел остварување на профит.
Откако осум згради се урнаа и загинаа 15 лица во Кенија во 2015 година, претседателството нареди ревизија на зградите низ целата земја за да се види дали се во согласност со прописите. Националниот градежен орган утврди дека 58% од зградите во Најроби се непогодни за живеење.
