Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека нацрт рамката за мировен договор за крај на војната со Русија предвидува американски безбедносни гаранции за Украина во траење од 15 години, а дека тој од неговиот американски колега, Доналд Трамп побарал безбедносни гаранции кои ќе траат 50 години.
„Ова прашање го отворив со претседателот Трамп. Му реков дека веќе сме во војна и дека таа трае речиси 15 години. И затоа навистина сакам гаранциите да траат подолго“, истакна Зеленски во обраќање пред новинарите во преписка на мрежата Ватсап.
Нацрт мировниот договор за завршување на војната со Русија предвидува безбедносни гаранции од САД за 15 години, период кој Зеленски смета дека е недоволен, пренесува агенцијата Унијан.
„Му реков дека сакаме да разгледаме можност за 30 години, за 40 години или за 50 години. И тогаш тоа би била историска одлука на претседателот Трамп. Претседателот рече дека ќе размисли за тоа“, наведе Зеленски.
Според него, директен состанок меѓу украинската и руската страна е можен, откако Трамп и европските сојузници ќе се договорат за предложените документи. Зеленски откри дека Трамп го известил за телефонскиот разговор со Путин за планот кој содржи 20 точки.
Трамп и Зеленски во неделата разговараа во Мар-а-Лаго на Флорида.
