Камбоџа и Тајланд се вклучени во обновени борби, принудувајќи десетици илјади да ги напуштат граничните области. Илјадници се евакуирани, а во двете земји се поставени привремени засолништа. Засолниште за евакуација на универзитет во североисточниот град Сурин во Тајланд смести повеќе од 3.600 луѓе кои беа преместени од опасните зони. Конфликтот повторно се разгоре во неделата откако во престрелка беа повредени двајца тајландски војници, со што се прекрши прекинот на огнот од јули. Властите на Камбоџа рекоа дека ќе возвратат на нападите, додека тајландскиот премиер кажа дека ги поддржува воените операции. Двете страни се обвинуваат меѓусебно за иницирање на новите напади.
-Ова е едно од стотиците привремени засолништа на тајландската страна од границата. Ова е во градот Сурин и во него се сместени околу 550 луѓе. Условите се спартански, но функционираат. Има многу храна и забава за децата, а фактот дека сме во студена сезона помага работите да бидат подносливи. Тие мораа брзо да ги напуштат своите домови почнувајќи од минатата недела. Разговарајќи со некои од нив, тие велат дека се загрижени за своите домови и своите вредни предмети, а некои се загрижени за своите миленици – дали добиваат доволно храна? Тие се во тек со вестите и со секој што останал во своите заедници, но на крајот сè што можат да направат е да седат и да чекаат и да се надеваат дека нешто или некој ќе ги заврши борбите и дека ќе можат да си одат дома, известува новинарот на АП Џери Хармер.
Претседателот на САД, Доналд Трамп синоќа изјави дека планира да интервенира поради обновените судири на границата помеѓу Тајланд и Камбоџа.
Тој наведе дека е можно телефонски да разговара со лидерите на двете земји.
– Малкумина можат да се јават по телефон и да ја спречат војната помеѓу две многу моќни земји, Тајланд и Камбоџа, наведе Трамп при синоќешната посета на американската сојузна држава Пенсилванија.
Загинаа најмалку 11 луѓе. Седум камбоџански цивили и четворица тајландски војници.
