Вести Свет Топ вести

Макрон и Стармер со цврсти ставови за траен мир – Мерц сепак скептичен за некои од 28-те точки од мировниот план на САД

Стармер со црвен тепих и прегратка го пречека украинскиот претседател Зеленски попладнево на Даунинг стрит во Лондон. На состанокот меѓу двајцата лидери беа присутни и францускиот претседател Макрон како и германскиот канцелар Мерц.

Сите го искажаа јасниот став за гаранциите кон Украина, но и обезбедување на мир кој треба да се склучи и одржи на долг рок.

„Ние стоиме зад Украина и ако треба да има прекин на огнот, тоа треба да биде праведен и траен прекин на огнот“, потенцираше Кир Стармер, британскиот премиер.

„Мислам дека сите ја поддржуваме Украина и сите го поддржуваме мирот и мировните преговори за да имаме одржлив, робустен мир. И мислам дека имаме многу карти во рацете: финансирањето и финансирањето на опремата, земајќи го фактот дека Украина се спротивставува во оваа војна, фактот дека руската економија почнува да страда, особено по нашите најнови санкции и санкциите на САД“, изјави Емануел Макрон, францускиот претседател.

Канцеларот Мерц е скептичен за некои детали од мировниот план приложен од американска страна, но остава идните разговори да го убедат во спротивното.

„ И ние сè уште сме и остануваме цврсто зад Украина и даваме поддршка на вашата земја, бидејќи сите знаеме дека оваа судбина на оваа земја е судбина на Европа. Затоа сме тука, обидувајќи се да откриеме што можеме да направиме. И никој не треба да се сомнева во нашата поддршка за Украина. И ова е она зад што цврсто стоиме. И исходот е отворен. Скептичен сум во врска со некои детали што ги гледаме во документите што доаѓаат од американска страна, но мора да разговараме за тоа“, потенцираше Фридрих Мерц, германскиот канцелар.

Од друга страна Зеленски ја истакна клучната улога на САД и Европа во мировните преговори, кои од ден во ден создаваат поголем притисок на Украина, за прифаќање на 28-те точки од планот за потенцијален крај на војната.

„Има некои работи што не можеме да ги постигнеме без Американците, работи што не можеме да ги постигнеме без Европа и затоа треба да донесеме некои важни одлуки“, рече Володимир Зеленски, украинскиот претседател.

По средбата со европските лидери, Зеленски заминува во Брисел на состанок со шефот на НАТО, Марк Руте, а се очекува да го пречекаат и  да им се придружат претседателот на Европскиот совет, и шефицата на Европската комисија,  Урсула Фон дер Лајен.

Теа Димковска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Нема повеќе граница меѓу Гибралтар и Шпанија – потпишан историски договор со Брисел

Sasko Dimovski

ЕУ го брани Меѓународниот кривичен суд откако Рубио најави кампања за негова изолација

Kristina Kuzmanovski

Кина во јуни ја проби границата од еден милион извезени автомобили месечно

Sasko Dimovski

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе