Полицијата во Хонг Конг соопшти дека бројот на жртви од разорниот пожар во станбениот комплекс Ванг Фук Корт во округот Таи По се искачи на 146 лица. Околу 79 лица се повредени, а над 40 сè уште се водат како исчезнати.
На прес-конференција, Цанг Шук-јин, офицер задолжен за Единицата за истрага на жртви, информираше дека само денес биле пронајдени 30 тела, од кои 18 во дополнителните пребарувања и 12 од претходно лоцираните од пожарникарските екипи.
Во меѓувреме, единицата успеала да ја потврди безбедноста на 159 лица кои претходно се воделе како исчезнати. Полицијата наведе дека 100 случаи се класифицирани како „недостапни“ поради нецелосни информации, губење контакт со пријавувачите или затоа што лицата што се барале не живееле во погодените згради.
Иако властите соопштија дека засегнатите објекти не се сметаат за структурно небезбедни, пребарувањата продолжуваат, а не се исклучува можноста бројот на жртви дополнително да се зголеми.
Трагичниот пожар избувна на 26 ноември и претставува една од најсмртоносните катастрофи од ваков тип во Хонг Конг во последните децении.
Т.Д.
