Американскиот претседател Доналд Трамп повика на прекин на огнот во Газа, израелската влада нареди намалување на офанзивните операции во енклавата. Израелските сили порачаа дека се подготвуваат за спроведување на првата фаза од мировниот план на Трамп кој е прифатлив и за Хамас и за Исламски џихад, а чии детали ќе се прецизираат во Египет во наредните денови. Палестинците се оптимисти дека, конечно ќе дојде крај на нивните страдања и ќе може да се вратат во нивните домови.
„Веќе некое време чекаме да слушнеме за овој предлог и се согласуваме со него. Сакаме војната да заврши со сите можни средства, бидејќи сме уморни. Уморни сме во секоја смисла на зборот. Ниту еден народ не е поуморен од народот во Појасот Газа. За жал, никој не ја чувствува нашата загриженост“, вели Арафа ал-Амур, раселен од Кан Јунис.
„Сите се задоволни од предлозите, од одговорот на Хамас и бараат сите арапски и европски земји да застанат со нас за да се стави крај на војната, бидејќи оваа војна е катастрофална за сите, за нас и за Израел. Затоа, бараме сите арапски земји да спроведат траен прекин на огнот и целосно повлекување на Израел од Појасот Газа“, изјави Наџи Бадови, раселен од Рафа.
И роднините на киднапираните се нетрпение го очекуваат прекинот на огнот, се надеваат на успешни преговори и, конечно, дека ќе можат да ги видат своите најблиски. Но, и тие, како и Палестинците се умерени оптимисти оти, според дел од нив, загриженоста дека ќе пропадне и овој обид за мир е присутна.
„Нетанјаху се обиде да го употреби секој можен трик. Иако се согласи со планот, тој сè уште работеше на начин да го саботира. Па сега, Трамп всушност стави кочница и во моментов има прекин на огнот за итни преговори за првиот чекор, а тоа е ослободување на заложниците. Загриженоста може да дојде од три страни. Едната страна е, секако, Хамас. Тие ќе почнат да си играат игри. Друга загриженост е Нетанјаху. Тој ќе почне да си игра игри. И третата загриженост е можноста Трамп да изгуби интерес“, истакна Јехуда Коен, татко на киднапиран син.
Палестинската милитантна група претходно се согласи со предложениот план на Трамп, откако се најде под притисок на арапските земји, пред сè на Египет и на Катар за прифаќање на некои точки. Хамас изрази подготвеност и за ослободување на сите заложници. Но, разоружување на групата, временската рамка за израелско повлекување од Газа и гаранции дека Израел нема да продолжи со воената кампања по ослободување на киднапираните се очекува да бидат најтешките за преговарање во Каиро.
И покрај апелите на Трамп за прекин на бомбардирањата, Газа и натаму е мета на израелските сили кои им порачаа на Палестинците дека е рано да се вратат во градот. Само во последните 24 часа се убиени 66 лица, а 265 завршиле во болница. Голем број на луѓе остануваат под урнатините, без можност до нив да стигне помош.
Сашко Димовски
