Владејачката либерално-конзервативна Партија за акција и солидарност во Молдавија го одбрани своето мнозинство. ПАС, која е на власт од 2021 година, освои 50,03 проценти од гласовите, објави изутринава изборната комисија откако беа преброени повеќе од 99,5 проценти од гласовите. Прорускиот Патриотски блок доби нешто помалку од 24,3 проценти.
Покрај ПАС и Патриотскиот блок, влез во молдавскиот парламент обезбедија и прорускиот сојуз Алтернатива (8%) и партијата Ностру (6,2%). Неочекувано, прагот за влез во парламентот го помина и партијата ППДА (5,7%) некогаш основана за обединување со Романија. Одзивот на изборите беше околу 52%, односно повисок од изборите во 2021 година, кога на избори излегоа 48% од граѓаните со право на глас.
Изборите беа засенети од обвинувањата од молдавската претседателка Маја Санду и Европската Комисија дека Русија се обидува масовно да влијае на изборите во своја корист. Партијата на Санду, ПАС, водеше во повеќето анкети пред изборите, но исходот сепак се сметаше за неизвесен.
