Полскиот претседател, Карол Навроцки изјави дека неговата земја ќе соборува руски авиони кои намерно ќе влезат во нејзиниот воздушен простор и нема да се повлечат по предупредување.
„Ако дојде до таква провокација, како и ако руските дронови претставуваат опасност за Полјаците, тогаш, секако, полските оружени сили во контакти со нашите сојузници и јас како врховен командант, ќе се бориме против нив“, рече Навроски во интервју за „Њузмакс“.
Тој нагласи дека Полска нема да толерира кршење на границите.
„Не сакаме било кој да ги крши нашите граници“, порача полскиот претседател.
Според него, Полска е подготвена да одговори на секаков вид на провокација со поддршка на НАТО и САД.
„Имаме преку 200.000 војници, моќна војска и силна поддршка од нашите сојузници, вклучувајќи ги и САД. Ние сме држава членка на НАТО и не толерираме руски дронови во нашиот воздушен простор“, истакна Навроцки.
