Алтернатива за Германија (АфД) за првпат презеде водство пред конзервативниот блок ЦДУ/ЦСУ (Христијанско-демократска унија/Христијанско-социјална унија) во анкетата на јавното мислење ЈуГов (YouGov) објавена денеска.
Поддршката за АфД се зголеми за два процентни поена во споредба со анкетата во август и сега изнесува 27 отсто, додека демохристијаните (ЦДУ) на канцеларот Фридрих Мерц и нивната сестринска партија во Баварија, Христијанскосоцијалната унија (ЦСУ) паднаа за еден поен на 26 посто.
Доколку се одржат општи избори оваа недела, според анкетата на ЈуГов, социјалдемократите (СПД), помладиот партнер во владата, би добиле 15 проценти од гласовите, што е за еден процентен поен повеќе. Ситуацијата со „Зелените “ е непроменета и изнесува 11 проценти, додека партијата Левица има девет отсто и бележи пад за еден поен.
Анкетата е спроведена помеѓу 12 и 15 септември со учество на 1.649 германски гласачи.
