Десетици илјади луѓе излегоа на улиците на главниот град на Непал, Катманду, откако владата блокираше пристап до повеќето социјални мрежи, вклучувајќи „Facebook, X (поранешен Twitter) и YouTube“.
Одлуката предизвика масовни протести и судири со полицијата пред зградата на Парламентот.

Демонстрантите успеаја да ги пробијат барикадите со бодликава жица и ги натераа специјалците да се повлечат кон парламентот.
Полицијата употреби солзавец и водени топови, но не успеа да ја контролира ситуацијата, по што се повлече во зградата на парламентот.

Владата веднаш прогласи полициски час во поширокиот периметар околу парламентот, владините институции и клучните делови од градот.
Според властите, околу дваесетина платформи добиле повеќекратни известувања да се регистрираат и да воспостават правно присуство во земјата.
Платформите кои не се придржувале до барањата се блокирани од минатата недела. „TikTok, Viber“ и уште три други мрежи се регистрирале и продолжуваат со работа.

Контроверзниот предлог-закон, кој е под дебата во парламентот, предвидува сите социјални платформи да именуваат локален претставник и да работат според непалските регулативи.
Критичарите го опишуваат законот како средство за цензура и загушување на критичките гласови.
Организациите за човекови права остро реагираа, обвинувајќи ја владата за ограничување на слободата на изразување и нарушување на основните човекови права.
