Вести Свет

Стотици загинати во земјотрес кој го погоди источен Авганистан

Најмалку 800 лица ги загубија животите а илјадници други се повредени во силниот земјотрес кој ги погоди источните провинции на Авганистан. Со јачина од 6 степени според Рихтер и на длабочина од само 8 километри под површината, епицентарот на земјотресот бил во провинцијата Кунар на границата со Пакистан и во близина на петтиот по големина град во земјата, Џалалабад. Зафрлен и тешко пристапен регион на Авганистан.

Ова селото Азизабад, во Мазар Дара во областа Нургул. Речиси целото село е разурнато. Земјотресот се случи на полноќ. Деца има заглавено под урнатините, стари лица, млади лица. Потребна ни е помош овде. Потребни се луѓе за да ги извлечеме заглавените под урнатините. Нашите деца, старите и жените се под урнатините. Нема кој да дојде за да ги извади телата од под урнатините, изјави еден преживеан за локалните медиуми.

Малата длабочина е причина зошто материјалната штета и бројот на загинати се толку големи.

Речиси 95 проценти од куќите во нашето село се уништени. Има многу загинати и повредени, речиси во секоја фамилија има од 5 до 10 повредени. Муслимани кои го гледате ова, помогнете ни во име на Алах. Ги изгубивме нашите домови, секаква помош ќе биде добредојдена, вели друг преживеан во непристапниот регион.

Работата на спасувачките екипи е дополнително отежната поради бројните свлечишта кои ги предизвика земјотресот во овој регион кој и во идеални услови е тешко пристапен. Тешко повредените со часови чекаат медицинска помош, затоа што единствениот начин за да бидат транспортирани е со хеликоптери.

Земјотресот се случи на полноќ, ние пристигнавме на лице место во 1. Контактираме со сите институции. Бидејќи патиштата се лоши, до погодената област пристигнавме пешачејќи и започнавме да ги третираме повредените. Сѐ уште сме зафатени помагајќи им на луѓето. Ги повикуваме министерствата за одбрана и внатрешни работи да се фокусираат на овој дел и да соработуваат за транспортирање лекари и лекови за повредените, бидејќи многу луѓе сѐ уште се затрупани во своите домови, изјави Абдул Латиф Сабит, директор на Црвената полумесечина во провинцијата Кунар.

Талибанците, кои пред точно 4 години повторно ја преземаа власта во Авганистан по повлекувањето на американската армија, побараа меѓународна помош за справување со последиците од земјотресот. Се стравува дека под урнатините на зафрлените села во планинскиот регион има илјадници затрупани, и бројот на загинати може да биде уште поголем.

Игор Трајков

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Братучед полицаец не ѝ помогнал, сведочеше жртва од пожарот во „Пулс“

Sasko Dimovski

Стeвчо Јакимовски се пријави во затворот во Шутка, потврдија од скопскиот затвор за Телма

Дејан Дејан

Мицкоски за Талир 2: Правдата е задоволена за ВМРО ДПМНЕ

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе