Вести Најважни Свет

Над 600 загинати и илјадници повредени во силен земјотрес во Авганистан

Земјотрес со јачина од 6,0 степени според Рихтеровата скала го погоди источен Авганистан доцна синоќа, при што загинаа најмалку 610 лица, соопшти Министерството за информации на Авганистан. Бројот на повредени е повеќе од 1.300.

Според Геолошкиот завод на САД (USGS), земјотресот бил регистриран во 19:17 часот по Гринич, на 27 километри источно-североисточно од Џалалабад, на длабочина од 8 километри.

Официјален претставник на Министерството за информации изјави за Анадолија дека жртви и повредени се пријавени во областите Нур Гал, Савки, Ватпур, Маноги и Чапа Дара во провинцијата Кунар. Тој додаде дека конечните бројки за загинатите и повредените сè уште не се утврдени, бидејќи властите комуницираат со жителите во оддалечените области, а тимовите за помош се упатени кон погодените региони.

Авганистанската привремена администрација мобилизираше хеликоптери за спасување и транспорт на повредените, бидејќи патиштата се блокирани поради свлечишта, што ги спречува спасувачките екипи да стигнат до повеќе погодени области.

Локалните жители го опишаа земјотресот како еден од најсилните што го погодиле регионот.

Портпаролот на привремената администрација, Забихула Муџахид, потврди дека земјотресот предизвикал жртви. „За жал, вечерва земјотресот предизвика загуби на животи и материјална штета во некои од нашите источни провинции“, напиша тој на платформата Х.

Муџахид додаде дека локалните власти и жителите се ангажирани во спасувачките операции, а тимови за поддршка од централните и околните провинции се упатуваат кон погодените области.

„Сите расположиви ресурси ќе бидат искористени за спасување на животи“, истакна тој.

Според USGS, по главниот земјотрес, истата област била погодена од уште најмалку два земјотреса со јачина од 5,2 степени.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Повеќе населени места во Скопје останаа без вода откако пукнала голема цевка кај поранешната фабрика ОХИС

Tea Dimkovska

Папата Лав XIV: Војната носи смрт, дипломатијата е единствен пат до мирот

Tea Dimkovska

Младенците Мартина и Александар ја крунисаа љубовта на овогодинешната Галичка свадба

Tea Dimkovska

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе