Откако најави мобилизација на 60.000 резервисти, Израел започна со офанзивата за целосна окупација на градот Газа. По жестокото бомбардирање од минатите денови, израелските трупи веќе влегле во неколку предградија.
Повеќе стотици илјади цивили се очекува да бидат принудени да се евакуираат во јужна Газа. Меѓународните организации предупредуваат на вистинска хуманитарна катастрофа доколку Израел продолжи со офанзивата.
Палестинците бегаат од делови од градот Газа, откако израелската војска започна со првите етапи од планираната офанзива за целосна окупација на најгусто населениот град во оваа палестинска територија.
Израелските војници се позиционирале во предградијата на Газа, каде живеат повеќе од еден милион Палестинци – по повеќедневно интензивно бомбардирање и артилериски оган.
Владата на Нетанјаху продолжува со својот план за целосно заземање на градот Газа и покрај жестоките меѓународни критики. Бројни реномирани организации за човекови права, во системот на ОН и надвор од него, па дури и две израелски организации, ја обвинија еврејската држава дека врши геноцид врз Палестинците.
Но, Израел, силно поддржан од Соединетите американски држави, не само што не запира, туку ги интензивира нападите. Дополнителни 60 000 резервисти ќе бидат мобилизирани од Септември.
Јалово делуваат и апелите на генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш.
„Кога зборуваме за мир, морам да повторам дека е многу важно веднаш да се постигне прекин на огнот во Газа и да дојде до безусловно ослободување на сите заложници, за да се избегне масовната смрт и уништување, што неизбежно би било предизвикано од воената операција против градот Газа“ изјави Антонио Гутереш, генерален секретар на ОН.
Повеќе илјади Палестинци веќе се евакуирале од населбите Зеитун и Сабра во Газа, кон северо-западниот дел од градот. Очекувањата се дека Израел ќе предупреди повеќе стотици илјади жители на градот Газа да се евакуираат и упатат во јужна Газа, каде веќе привремено се сместени стотици илјади бегалци од други делови на палестинската територија.
Нападите не запираат и во други региони од појасот Газа. Во близина на болницата Ал-Акса во Деир ал-Бала со ракета од дрон бил нападнат и камп со шатори преполни со веќе раселени Палестинци. По предупредувањето за напад, биле уништени околу 100 шатори преполни со бегалци, кои за среќа успеале да се евакуираат.
„Јас сум раселен од северниот дел на појасот Газа. Дојдовме во безбедната зона, таа што рекоа дека е безбедна. Сега сме во Деир ал-Бала. Рекоа да се евакуираме, ни беа дадени само пет минути. Собравме сѐ што имаме, храна малку и вода и потоа го бомбардираа кампот. Ние сме цивили, цивили, не сме терористи. Каде се Арапите? Каде се муслиманските држави? Каде се Муслиманите? Што е нашата вина и што е вината на нашите деца, да бидеме раселувани, што е ова? Ова е камп за цивили, бегалци, нема борци тука или некој друг“ рече Мохамед Кахлу, раселен Палестинец.
Иако Нетанјаху тврди дека една од целите на окупацијата на Газа е ослободувањето на сите заложници, воените напади не ги поддржуваат ниту семејствата на овие луѓе. Тие бараат итен прекин на огнот, стравувајќи за судбината на своите најблиски.
Хамас ги прифати условите на последниот предлог за 60 дневен прекин на огнот, но Израел се уште не одговорил.
Но, планот за целосна окупација на Газа веројатно е многу јасен одговор за понуденото примирје и за намерите на Израелската влада.
Повеќе од 62 000 луѓе се досега убиени во израелските напади на Газа а срамнета со земја е огромен дел од цивилната инфраструктура, меѓу нив и болниците и училиштата на палестинската територија.
Никола Илиевски
