Членките на агенциите за човекови права и хуманитарна помош на Обединетите Нации, предупредија денеска дека помошта која влегува во Газа не е ниту одблиску доволна за да го спречи широко распространетото гладување во оваа палестинска територија.
Обединетите Нации подвлекуваат и дека бројот на смртни случаи заради изгладнетост во Газа продолжува да се зголемува, особено меѓу децата.
Израелската влада негира дека во Газа има масовна глад, оценувајќи дека станува збор за лаги, кои ги шири Хамас.
Владата на Нетанјаху ги објави и плановите за целосно заземање на градот Газа и другите густо населени региони во регионот, со што само дополнително се зголемуваат стравувањата за влошување на хуманитарната катастрофа во Газа.
Веројатното проширување на израелските напади на регионите во кои се засолнети стотици илјади цивили ја зголеми меѓународната осуда на Израел, но не и кај најлојалниот сојузник на еврејската држава – Соединетите американски држави.
„Ризикот од глад е насекаде во Газа. Ова е директна последица на политиката на Израелската влада за блокирање на хуманитарната помош. Израелските планови имаат огромен ризик за луѓето, за цивилите. Постојат ризици за масовно раселување и уште повеќе убиства и уште поголема мизерија од оваа што ја видовме досега во појасот Газа. И секако, меѓу оние кои ќе бидат најпогодени се најранливите, луѓето со попреченост, повредените, децата, жените“ – изјави портпаролот на канцеларијата на ООН за човекови права, Тамин Ал-Китан.
