Денеска е голем ден, вака Трамп ја оцени денешната средба со украинскиот претседател Зеленски во Белата куќа. На социјаните мрежи напиша дека Зеленски може да ја заврши војната со Русија „ако сака“, но ја исклучува можноста Украина да се приклучи на НАТО. Американскиот претседател, исто така, вели дека Украина нема да може да го врати Кримскиот полуостров, нелегално анектиран од Москва во 2014 година.
- „Претседателот Зеленски може да ја заврши војната со Русија речиси веднаш, ако сака, или може да продолжи да се бори. Сетете се како започна. Нема враќање на Крим, кој Обама го даде (пред 12 години, без испукан куршум!), и нема влез на Украина во НАТО. Некои работи никогаш не се менуваат“, напиша Трамп на социјалните мрежи.
На денешните состаноци во Вашингтон присуствуваат и дел од европските лидери. „Никогаш не сме имале толку европски лидери во исто време. Голема е честа да ги дочекам“, додаде Трамп. Зеленски веќе долета во Вашингтон, тој Х напиша дека договорот мора да донесе траен мир.
- „Сите ја делиме силната желба оваа војна да заврши на брз и сигурен начин. А мирот мора да биде траен. Не како што беше пред многу години, кога Украина беше приморана да се одрече од Крим и нашиот источен дел- Домбас, а Путин едноставно го искористи како отскочна штица за нов напад. Или кога на Украина 1994 година и беа дадени т.н. “безбедносни гаранции“, но тие не функционираа“, напиша Зеленски на Х.
Специјалниот претставник на Трамп вели дека Владимир Путин на средбата на Алјаска во петокот се согласил на „робусни“ безбедносни гаранции за Украина, вклучително и потенцијален договор за одбрана во стилот на НАТО. Зеленски ја опишува понудата за безбедносни гаранции на САД како „историска“.
Со загриженост дека состанокот ќе се сведе на притисок од Трамп врз Зеленски за прифаќање на условите на Путин, кон Вашингтон на средбата во Белата куќа се упатија и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, а таму се очекува да пристигнат и францускиот претседател Емануел Макрон, британскиот премиер Кир Стармер, германскиот канцелар Фридрих Мерц, премиерката на Италија, Џорџа Мелони претседателот на Финска, Александар Стуб и генералниот секретар на НАТО, Марк Руте.
- „Дали мислам дека претседателот Трамп сака мир? Да. Не мислам дека претседателот Путин сака да го стори тоа. Мислам дека тој сака капитулација на Украина, тоа е она што го предложи“, рече Макрон пред новинарите.
- „Во исто време, ние продолжуваме да го поддржуваме патот на Украина кон нејзиното членство во Европската Унија. Самото ова е и безбедносна гаранција. Мојата втора поента во врска со сите територијални прашања во Украина. Нашата позиција е јасна. Меѓународните граници не можат да се менуваат со сила“ – Урсула фон дер Лајен, претседателка на Европската комисија.
Трамп им кажа на сојузниците дека Путин го сака украинскиот Донбас како услов за завршување на војната. Тој се среќава денеска со Зеленски, по онаа жестока дебата во Овалната соба во февруари, останува не јасно дали предлозите на Путин се само почетна точка за преговори или конечна понуда. Зеленски постојано повторува дека Украинците нема да му ја дадат својата земја на окупаторот.
Додека траат дипломатски напори за мир во Украина, Харков денеска беше цел на напад на руските беспилотни летала, убиени се најмалку шест луѓе и две деца, а меѓу 20-те повредени шест се деца.
Билјана Ставрова
