Украинскиот лидер, Володимир Зеленски, во Понеделник во Белата Куќа во Вашингтон ќе пристигне со голема европска делегација, за клучните разговори со американскиот претседател, Доналд Трамп.
Претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен, германскиот канцелар, Фридрих Мерц, францускиот претседател, Емануел Макрон, Премиерот на Обединетото Кралство, Кир Стармер, генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, премиерката на Италија, Џорџа Мелони и Претседателот на Финска, Александер Стаб, потврдија дека ќе го придружуваат Зеленски во разговорите со Трамп.
Зеленски веќе пристигна во Брисел и на виртуелен состанок ќе се координира со своите европски сојузници.
„Во минатите три и пол години, ние бевме постојано се обидувавме да дадеме сѐ од себе да пронајдеме дипломатско решение а не воено решение. Јас секогаш се согласував со ова. Но, таквото дипломатско решение мора да биде постигнато во интерес на Украина, во интерес на државноста на оваа земја, суверенитетот на таа земја и ние сега сме малку поблиску до оваа цел“ – изјави германскиот канцелар Мерц.
Неофицијално, повеќе анонимни дипломатски извори пренесуваат дека Европските лидери го придржуваат Зеленски во обид да се осигураат дека клучните црвени линии нема да бидат прегазени и дека Украина нема да биде присилувана од Трамп, против својата волја да се откаже од територија, за да обезбеди договор.
Истовремено, иако односите меѓу Трамп и Зеленски сега се многу подобри, западните сојузници се уште паметат како украинскиот лидер си помина во февруари во Вашингтон, кога буквално беше навредуван дека е неблагодарен кон американскиот лидер и избркан од Белата Куќа.
„Ќе зборуваме со Володимир Зеленски, во повеќе детали, попладнево. Исто така ќе го советуваме, затоа што тој го побара тоа. Тој исто така виде дека мојата средба со Доналд Трамп беше многу поинаква од неговата средба. За ова веќе разговаравме детално. Но, повторно ќе го направиме тоа попладнево. Ќе му дадеме некои корисни совети.“ – додава Мерц.
Во дел од медиумите се појави и шпекулација дека Руските претставници побарале официјален Киев да се откаже од делот од регионот Доњецк, кој се уште не е под руска контрола.
Истовремено, загрижувачка е и промената на ставот на американскиот претседател, кој претходно инсистираше на итен прекин на огнот, а сега, по разговорот со Путин, тврди дека негова главна цел е постигнување сеопфатен мировен договор. Во суштина, тоа значи дека додека траат преговорите, Русија може и натаму да продолжи со нападите против Украинските градови и на другите линии на фронтот.
А на фронтот, речиси никој не верува дека Русија навистина сака мир.
„Овие меѓународни настани воопшто не влијаат на нас, ние ги третираме, грубо кажано, како природни феномени. Тие постојат, и толку – ние мора да продолжиме во секој случај. Што се однесува до ситуацијата на фронтот, мислам дека сите ја разбираат, повеќе или помалку. Има доволно видеа од фронтот, тука е постојано тешко“ – вели украинскиот командант познат под борбеното име „Норд“.
По средбата во Вашингтон, барем ќе биде појасно за што точно Трамп разговарал со Путин на Алјаска и дали може реално да се очекува дека руската инвазија на Украина ќе запре.
Никола Илиевски
