По 11 дена интензивни разговори во Обединетите нации, преговарачите во Женева не успеаја да постигнат договор за глобалната спогодба за справување со загадувањето со пластика, и покрај поддршката од над 100 држави за поригорозни мерки.
Клучна пречка во преговорите е поделбата околу тоа дали договорот треба да вклучува ограничувања на производството на пластика и правно обврзувачки мерки за контрола на токсичните хемикалии што се користат во процесот. Новиот нацрт го признава проблемот, но не нуди конкретни ограничувања.
Земјите производителки на нафта и пластика се спротивставија на какви било рестрикции, барајќи фокус на управување со отпад и рециклирање. Европската Унија, пак, остана на ставот дека е неопходен обврзувачки договор со амбициозни цели.
„Нашата цел е да постигнеме амбициозен договор, но не по секоја цена“, порача европската комесарка за животна средина Џесика Росвал.
Преговорите ќе продолжат, но не е јасно кога и дали ќе се постигне консензус.
