Речиси 240 афтершокови беа регистрирани во северозападна Турција, по вчерашниот земјотрес со јачина од 6,1 степени. Многу жители на погодениот регион, ноќта ја поминаа под отворено небо или во своите автомобили од страв од натамошни потреси.
Епицентрите на земјотресите се наоѓале во округот Синдирги во покраината Баликесир, каде вчера во земјотрес загина најмалку едно лице, а 29 беа повредени. Земјотресот се случил на длабочина од 11 километри и бил почувствуван во Истанбул и Измир, на повеќе од 200 километри оддалеченост.
Турскиот министер за внатрешни работи Али Јерликаја изјави дека најмалку 16 куќи се уништени во земјотресот. Лоцирана каде што се среќаваат три тектонски плочи, анатолиската, евроазиската и арапската, Турција е сеизмолошки многу активно подрачје.
