Блискиот Исток е на раб на општа војна. Иранската Револуционерна гарда нападна цели на северот на Ирак и на Сирија со балистички проектили, како освета за неодамнешните напади во Иран.
Неколку експлозии во текот на ноќта се слушнаа ирачкиот град Ербил. Погоден е аеродромот кој го држат Курдите, но според менаџментот на летовите се одвиваат нормално.
Десетина проектили завршиле и во близина на американскиот конзулат чија мета, според иранската гарда, бил израелски шпионски штаб во близина. Безбедносни извори наведуваат дека ирански ракети паднале на имоти северно од градот.
Ситуацијата на Блискиот Исток е исклучително напната од почетокот на војната меѓу Израел и Хамас. Денешните напади се први од Иранската револуционерна гарда, но милитантни групи кои уживаат поддршка од Иран често напаѓаа локации во Ирак и во Сирија во последните месеци.
Израел и САД се сметаат за најголеми непријатели на Иран од избивањето на Иранската револуција во 1979 година. Ноќните ракетни напади врз цели во северен Ирак и во Сирија наидоа на осуда од Стејт департментот. Портпаролот Метју Милер ги нарече „дрски“ и изрази поддршка за владата во Багдад, како и на регионалната на Курдистан.
Се разгорува состојбата и во Јемен. Хутите истрелаа проектил, погодувајќи брод во американска сопственост во близина на брегот на Јемен во Аденскиот Залив. Ден претходно лансираа крстосувачка ракета и кон американски разурнувач во Црвеното Море.
Воениот портпарол на Хутите, бригадниот генерал Јахја Сари, ја презеде одговорноста за нападот. Тој во видеообраќање рече дека сите американски и британски бродови за нив се непријателски цели.
Нападот дополнително ги ескалира тензиите во Црвеното Море по американските напади врз позиции на бунтовниците во Јемен. Воените активности на Хутите го нарушија глобалното поморство, среде војната на Израел со Хамас во Појасот Газа, таргетирајќи го клучниот коридор што ги поврзува азиските и блискоисточните енергетски и товарни испораки до Суецкиот канал и кон Европа.
Сашко Димовски
