Вести Код Македонија

КОД: Преку Скај до крвната група на групата од Грчец чиј бос Шеваљ Муареми е во бегство во Дубаи

Додека уличните кучиња лаат во близина, првиот карван од новото седиште на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција „застана“ во Грчец. Старата зграда доби нова табла, ама среде преселбата од претходното седиште, зградата на Апелација- стигнаа и пријавите од МВР за организираната криминална група од Грчец и обвинителството почна да ја реализира операцијата.

ВИДЕО: Преку Скај до крвната група на групата од Грчец чиј бос Шеваљ Муареми е во бегство во Дубаи

6-мина уапсени, еден уапсен во Шпанија, десет во бегство, главниот бос во Дубаи, неговиот заменик во Косово, второосомничениот во Каталонија. Но, за сите и фатени и избегани- веќе се определени мерки, притвор освен за еден уапсен кому му е одземен пасошот.

Акцијата од оперативците на МВР почнала поодамна, а првичните сомнежи се сите чаршиско-улични муабети за групата од Грчец, за сомнителни инвестиции во градежништвото, за шверцот на кокаин од Јужна Америка, за серија насилни и вооружени напади, и убиства.

Истрагата добива странска помош откако во Белгија, тамошната полиција разбива нарко-криминална група по пријавена насилна пресметка во стан во градска област во Брисел. Кога специјалците пристигнуваат, криминалците од станот бегаат за да се спасат од апсење.

Внатре остануваат пакети со кокаин, но и телефони. Во станот меѓу криминалците имало и неколку припадници на групата од Грчец која го препродавала кокаинот на локалните белгиски банди. И тие ги заборавиле телефоните, а откако полицијата ги запленила и вештачела открила дека тие имаат вградено апликации за шифрирано комуницирање.

Скај со тајните на злосторствата и врските на групата Грчец

Апликацијата се вика Скај (Sky). Бејгијците откриле дека тие телефони преку скај имале интензивна комуникација и со македонски уреди. Апликацијата ја спомна и министерот Спасовски.

-Оваа криминална група плановите и договорите, за извршување на кривичните дела ги правела преку непосредни контакти или со користење на енкриптирани телефони во кои била инсталирана апликацијата „SKY“, а која ја користеле членовите на организираната криминална група, изјави Спасовски, на прес-конференцијата по акцијата.

Според сознанијата на КОД, информациите закопани во мемориските облаци или информатички кажано клауди, за групата од Македонија биле откриени во 2021-ва година.

Тогаш во Белгија и во Франција, европските агенции, со судска одлука ги запленуваат сите парчиња опрема поврзана со одржување на апликавцијата но успева да ги заплени и софтверските решенија за да се отклучат пренесените информации преку оваа апликација.

Сето тоа е направено легално во рамки на истрага за криминални групи кои шверцувале кокаин од Јужна Америка. АПликацијата Скај беше омилено средство за комуникација и на српската група на Беливук, а податоците на европската истрага покажале дека балканските криминалци ја обожавале апликацијата. Меѓу нив е и групата од Грчец.

Скапа апликација со сигурност за криминалците

За да се разбере што е скај, една проста споредба- она што е Вибер за родителите чии деца живеат во странство, тоа е Скај за криминалците. Прв избор за комуникација.

За апликацијата се плаќало меѓу 800 и 2500 евра за шест месеци, нудеше енкрипција на пораките меѓу корисниците, за никој друг да не може да ги прочита. Преку оваа апликација можеле да се праќаат само текстуални и гласовни пораки и фотографии и видеоснимки, и тоа само меѓу корисници на апликацијата.

Скај функционираше по метод- чита само оној кому му е упатена пораката. Испраќачот на пораката ја пишува пораката која се испраќа како криптирана шифрирана. Кога стига на уредот на оној што му е наменета се врши обратна енкрипција и наместо нечитливи шифри пораката го добива вистинскиот лик и текст.

Потоа ја снемува и само сопственикот на уредот може да ја прошита во изворната форма. Постоела и опција за уништување на пораките по одредено време кое ќе го определел корисникот. Ако корисникот внесе „пасворд за тревога“ целата содржина на телефонот се бришела.

Компанијата гарантирала дека далечински ќе ја избрише целата содржина, ако уредот падне во „непосакувани“ раце. Биле регистрирани над 170 илјади вакви уреди во светот. Компанијата пред да биде затворена пролетта 2021-ва тврдеше дека не е возможно да се пробијат нивните безбедносни протоколи. Европол го тврдеше спротивното.

Откриен моделот на „увоз“ на кокаин

Преку тие податоци добиени во МВР од странство, истражителите успеале да решат серија злосторства кои се случиле во периодот меѓу 2019-та и средината на 2021-ва. Во тој период апликацијата Скај била единствено средство за комуникација на членовите на групата Грчец/Дуќанџик. Преку таа комуникација се откриени повеќе работи.

Прво, како ги договараат зделките. Утврдено е дека транспорт на стотици килограми кокаин од Јужна Америка може да се организира без главните организатори воопшто да имаат допир со дрога или со пари земени за дрога. Транспортот бил договаран по Скај и без директна комуникација со шоферот или со бродот кој ја носел.

Парите биле разменувани и префрлани преку граница без да остават и минимален доказ за врска со криминалците. Така било докажано дека Шеваљ Муареми бил во Јужна Америка во март и април 2020-тата за да договара купување на кокаин и поради пандемијата со корона не можел со месеци да се врати во Европа и во Грчец.

Скај помогнал и да се изгради шемата на групата од Грчец, како лидери и организатори се издвоени Муареми и двајца веќе ликвидирани, Орхан Бајрами-Оки и Јетон Кривањева викан Жила. Муареми според извори на КОД заминал во Дубаи со целото семејството веднаш по убиството на Жила во Шиша бар во Чаршијата.

Во негов заменик кој раководел со групата во Македонија, бил унапреден Мухамед Далипи викан Руди. И тој е осомничен, но е во бегство, најверојатно во Косово. Веднаш до Муареми во пријавата на МВР е 50-годишниот Дритон Ибиши, кој со години живее во Барселона и кој пред две недели ја завршил посетата на Македонија по што сега најверојатно е повторно во Каталонија.

Во хиерархијата на групата на пониско ниво се дел од уапсените кои се во притвор како Шакир Бајрами, Фадил Бајрамовски, Неџати Исени, Фати Сулејмановски, Севдал Азири или како Оливер Петров кому судот му го одзеде пасошот поради полициски сомнежи за обид за влијание врз жртва на напад на групата Грчец. Дополнително, откриено е дека во шемата на групата Грчец, две лица се задолжени за ликвидација на оние кои ќе ги определи врвот на криминалната структура.

Расветлени убиства кои со години се истражуваа во обвинителството

Преку апликацијата се собрани докази за тешки кривични дела, транспорти на најмалку две големи прекуокеански пратки кокаин од над 540 килограми кокаин од Перу и Бразил во белгиски Антверпен и холандски Ротердам. Откриени се и 4 транспорти на кокаин од вкупно 15 килограми низ европските и балканските држави.

Но, откриени се и расветлени и 3 случаи на извршени и убиства во обид. Сега овие убиства се опфатени со истрага на Организиран криминал, иако со години се воделе истраги во скопското обвинителство. Среде корона пандемијата над Матка беше отркиен изгризан полузакопан труп на албански државјанин, ликвидиран со куршум во глава. Жртвата е идентификувана по видливата тетоважа на раме и е утврдено дека станува збор за албански државјанин.

По 4 години истрага во скопското обвинителство без резултати, одговорот го даде меѓународната полициска соработка и апликацијата Скај. Групата на Муареми се сомневала дека ликвидираниот е платен убиец од Албанија, па го начекале во Скопје, го киднапирале и го однеле во пуст предел кај Горна Матка.

Со години трае и истрагата на двојното убиство во Чаир кога 2-ца мажи на возраст од 28 и 24 години беа ликвидирани во Топанско поле. Мотивот бил нивен обид за преземање на терен за продажба на дрога поради што биле ликвидирани од групата Грчец во март 2021-ва.

Најраното расвтлено убиство, односно обид за убиство е она кое во 2019-та се случи во Бардовц кога врз автомобилот на Бобан Мутков- викан Фантом било пукано. Полицијата имала изјави за идентитетот на убиецот што биле предадени на истрагата во скопско обвинителство. Пет години подоцна, големата акција расветли кој е нарачател.

На државни јасли, а на платен список на криминалците

Сите овие информации, дополнително ги зовреа сомнежите во државните агенции за гонење на криминал, дека некој од внатре им давал податоци на припадниците на групата. Тоа го потврди и самиот министер Спасовски кој преку акцијата гледа отворен пат за чистење на криминалците од службите кои го гонат криминалот.

-Утврдивме лица од институции на државата кои ги пренесувале податоците, односно биле соработници на криминалните активности на групата. Ова е почетокот на чистењето на криминалните структури во системот и јакнење на довербата кај граѓаните. Ќе бидете сведоци во наредниот период за нови активности, некогаш ќе бидете и зачудени од имињата, но правдата мора да го стигне секого. Има инволвирани во многу институции, и во МВР и во други агенции и во министерства и во судови, и во јавни обвинителства. Затоа реков, можеби ќе се зачудите во наредниот период, но тоа еднаш мора да излезе на виделина и да се покаже кои се тие кои во одреден момент велеа „држете го крадецот“, рече Спасовски, на прес конференцијата по акцијата.

Нема детали досега, но истражувањата на податоците добиени од разбивањето на комуникациите преку Скај ќе продолжат со месеци, можеби и со години. Европските служби планираат за секој уред со Скај, во Македонија ги имало околу 1.800 да направат профил и да ги испратат во државите од каде се криминалците. Во нив ќе има и судии, обвинители, полиацјци, началници, ама и политичари.

За полицајците веќе е откриен еден модус операнди за мито на граница, а тоа е дека за пари не ги заведувале пасошите на припадниците на групата на Муареми при излез од државата. Тие се шетале низ светот, а официјално во системот на МВР биле заведен дека се во Македонија со што си обезбедувале и алиби. Но, со помош на странски гранични полиции било потврдено дека ја напуштиле државата.

За началниците, обвинителите и судиите сомнежите се поголеми- дека издавале податоци при истражни дејства против групата. Исто така имало и влијание врз одлуки на овие правосудни инстанци од групата Грчец, а најдобар показател за нивниот подмитен ангажман е тоа што за босот Шеваљ Муареми никогаш немало ниту една посебна истражна мерка, ниту побаран, ниту одобрена.

Не постои за катастар, ама огромен ресторан има-босот Муареми стигна до Лео Меси

Има сомнежи и за вработени во државни институции, општини и државни агенции. Примерот со перење пари преку недвижности само покажува дека парите од дрога успешно се пласирале како легални.

Меѓу сликите кои ги објави МВР, е и оваа од ресторанот Треска, кој се наоѓа покрај истоимената река во Шишево. Според првични проценки за овој имот се искористени над 3 милиони евра. Просторот до пред три години беше празен, а таа парцела е државно земјиште.

Но како што покажува сервисот на Гугл Ерт, изградбата на обејктот почнала во октомври 2020-та, среде корона, а веќе во ноември наредната година објектот бил готов и оттогаш само се проширувал. Во Катастар, кој што е државна агенција, нема податок за згради освен за една со површина од 531 метар квадратен. Како сопственик нема лице или фирма туку државата. Тоа упатува на заклучок дека објектот почнал да се гради како дивоградба. И успеал на некој начин да ги излаже и државните и општинските служби.

И сето тоа, е јавна тајна во државата, која растела две децении заедно со подемот на групата Грчец. Растеле и сомнежите, ама надлежните не преземале ништо против водачот на групата, кој сега споделува слики од Дубаи каде се сликал со чеченскиот УФЦ Борец и троен шведски шампион. Хамза Чимаев.

Тоа е сега, а претходно за моќта финансиска на Муареми во македонските институции можело да послужи и ова видео од Ибица каде босот од Грчец се забавува на соседна маса до фудбалските ѕвезди Меси и Суарез.

Потоа следувала и слика со која Муареми покажува дека може да си купи место во клуб покрај ултрабогатиот фудбалер од Аргентина од чии соседни држави, родениот во Грчец купувал тони кокаин.

Миомир Серафиновиќ

Прилогот е во емисијата „КОД ja открива мрежата на босот од Грчец, трансфер на пари за Соравиа“ е објавена на 28.01.2024.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Француската полиција застрела маж кој се обидувал да запали синагога во Руен

Дејан Дејан

Пронашле граната од Прва Светска војна и ја однеле во полициска станица

Дејан Дејан

„Пикасо можеби јас“ изложба на македонскиот керамичар Филип Фидановски во Загреб

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе