Руски дрон погоди патнички воз во западна Украина, само неколку минути откако дипломатски воз што го превезуваше поранешниот британски премиер Борис Џонсон и европски безбедносни претставници помина по истата пруга, објави Еuronews.
Украинските железници тврдат дека е можно дипломатите да биле цел на нападот, додека Москва наведува дека целта на нападот била инфраструктурата што се користи за транспорт на воен товар од Европа.
Поранешниот шведски премиер Карл Билд рече дека нападот се случил само неколку минути откако дипломатскиот воз поминал низ станицата.
Поранешниот директор на американската Централна разузнавачка агенција, Дејвид Петриус, исто така бил на станицата, независно од тој воз, кој го опишал нападот како „застрашувачки“ и оценил дека тоа е дело на „вистински варварски лидер кој се обидува да ги тероризира украинските цивили“.
Поранешниот британски премиер Борис Џонсон рече дека нападот е дел од „случајните и бесмислени напади“ на кои Украинците се изложени секојдневно, вклучително и напади врз цивилни железници.
Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба оцени дека тоа е „теророт на Путин што тропа директно на вратите на Европската Унија и НАТО“. Тој им порача на своите европски партнери дека „руските варвари се пред вашата врата“ и ги повика да применат санкции со целосна сила против, како што изјави, агресивниот режим на Путин.
Високата претставничка на Европската Унија за надворешна политика, Каја Калас, оцени дека нападот имал за цел заплашување на украинските партнери и ослабување на поддршката за Киев. Таа ги повика сојузниците да го сторат спротивното и да покажат дека Москва не е заплашена од нив.
Руското Министерство за одбрана не коментираше директно за нападот, но рече дека руските сили ги таргетирале објектите на железничката инфраструктура во западна Украина кои се користат за транспорт на воен товар од европските земји.
Б.С.












