Иран и Оман ја договорија географската рута по која бродовите треба да минуваат низ Ормускиот Теснец, објави министерството за надворешни работи во Техеран. Од таму додаваат дека САД не учествувале во договорот, додека американскиот претседател, Доналд Трамп тврди дека „преговорите со Иран напредуваат многу добро“.
Според портпаролот на иранското МНР, Есмаил Багеи, двете земји подготвуваат заедничко соопштение кое ќе опфати технички, правни, безбедносни и еколошки прашања.
„Под услов одредени трети страни да не го попречуваат процесот, се разгледува и довршува заедничко соопштение на двете земји во кое ќе бидат изнесени главните разгледувања и договорените точки“, изјави Багеи, кој по „трети страни“ веројатно мисли на САД.
Трамп, пак, во разговор за „Фокс њуз“ тврдеше дека САД учествуваат во преговорите и оти „напредуваат многу добро“.
„Теснец многу брзо ќе се отвори или многу тешко ќе ги погоди, па потоа Теснецот ќе се отвори“, рече Трамп.
Според достапните информации од разговорите меѓу Иран и Оман, станува збор за привремен договор со кој двете земји ќе го контролираат минувањето на бродовите, но остануваат отворени прашања за финансиските наплати и американското барање за целосно слободна пловидба.












