Федерален судија денеска го блокираше воведувањето нови правила од страна на владата на американскиот претседател Доналд Трамп, кои имаат за цел да го ограничат времетраењето на престојот во САД за странските студенти и новинари, освен доколку не ги продолжат своите визи.
Oдлуката е во корист на неколку граѓански организации по ова прашање само еден ден пред соодветната уредба на американското Министерство за внатрешна безбедност да стапи во сила.
Администрацијата на Доналд Трамп од својот втор мандат почна разни реформи на американскиот визен систем, насочени кон затегнување на правилата за престој за повеќе категории странци, со фокус на студентите (F-1 визи) и странските новинари (I визи).
Со децении, меѓународните студенти и новинари влегуваа во САД со виза која важеше за „времетраење на статусот“ (Duration of Status“ – D/S). Тоа значеше дека студентот може да остане во земјата сè додека е редовно запишан на факултет (со сите надградувања на магистерски или докторски студии), без фиксен датум на истекување на самиот престој.
Владата побара воведување фиксен временски рок за престој — најчесто максимум до 4 години за студенти (или само 2 години за земји со високи стапки на пречекорување на визите), по што секој мора формално да поднесе барање за продолжување до Министерството за внатрешна безбедност. За новинарите, престојот се ограничуваше на кратки периоди од 240 дена.












