Премиерите кои се за независност ќе потпишат „меморандум за разбирање“ на самитот во Кардиф и ќе бараат референдуми
Лидерите на Шкотска, Велс и Северна Ирска в понеделник ќе се сретнат во Кардиф, каде што треба да потпишат заедничка декларација со која ќе побараат право да одржуваат референдуми за независност. Според британски „Телеграф“, тоа ќе биде прво заедничко појавување на тројцата лидери кои отворено се залагаат за одвојување од Обединетото Кралство.
На самитот ќе учествуваат шкотскиот премиер Џон Свини, велшката премиерка Рун ап Јорверт и премиерката на Северна Ирска Мишел О’Нил. На средбата ќе им се придружи и претседателката на „Шин Феин“, Мери Лу Мекдоналд, која е и лидерка на опозицијата во ирскиот парламент.
Средбата се одржува во момент кога за првпат партиите кои се залагаат за независност имаат власт во сите три децентрализирани делови на Обединетото Кралство. „Плејд Кимру“ во мај стана најголемата партија во велшкиот парламент, Шкотската национална партија ја задржа водечката позиција во Шкотска, додека „Шин Феин“ е на власт во Северна Ирска.
Според „Телеграф“, лидерите ќе потпишат декларација со која ќе се потврди правото на самоопределување на нивните народи. Потоа се очекува да биде потпишан и меморандум за разбирање, со кој нивните партии ќе се обврзат на поголема соработка.
Договорот треба да опфати четири области – економија, енергетика, Европа и меѓународна соработка, како и самоопределување.
Сите три партии се залагаат нивните земји во иднина да бидат дел од Европската Унија – Шкотска и Велс како нови членки, а Северна Ирска како дел од обединета Ирска.
Состанокот се одржува само два дена откако американскиот претседател Доналд Трамп, за време на посетата на Даблин, изјави дека би „сакал да види обединета Ирска“. Тој додаде дека приклучувањето на Северна Ирска кон Република Ирска би било „одлична работа“ и запраша: „Како тоа може да биде лошо?“
Ниту Шкотска ниту Велс засега немаат автоматско право самостојно да распишат референдум за напуштање на Обединетото Кралство. Токму затоа, заедничката декларација во Кардиф претставува пред сè политички притисок врз Вестминстер, но и сигнал дека трите движења за независност за првпат одлучиле да ја координираат својата политика на највисоко ниво.












