Студентската листа, победниците на предвремените парламентарни избори во Србија, ипратија отворено писмо до раководството на Радио-телевизија Србија (РТС), Советот на Регулаторното тело за електронски медиуми (РЕМ) и Народното собрание на Србија, барајќи итни оставки од генералниот директор, неговиот заменик и уредништвото на Информативната програма.
„Граѓаните имаат право на вистинито, целосно и непристрасно информирање. Бараме одговорност од институциите и ослободување на јавниот сервис од политички влијанија“, се наведува во писмото.
Студентите бараат и формирање привремена управа, која би била предложена во договор меѓу Студентската листа и репрезентативните синдикати на РТС, а нејзиното именување да биде спроведено во согласност со законот.
Кога станува збор за РЕМ, тие бараат независно постапување, транспарентност во донесувањето одлуки и образложение за постапувањето во случајот со телевизијата Информер, која не беше дел од медиумите кои се следеле во рамките на мониторингот на изборното известување.
„Бараме јавен и образложен одговор во рок од седум дена од приемот на писмото“, истакнуваат студентите.
Од Народното собрание очекуваат пополнување на испразнетите места во Советот на РЕМ преку законска и транспарентна постапка, заснована врз стручноста и независноста на кандидатите.
„Јавниот сервис мора да им служи на граѓаните“, се порачува во соопштението на студентите во блокада.












