Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

Американската амбасадорка во Грција побарала уплата од 100.000 долари на кредитна картичка – почнува истрага

/

Свет

Сподели преку :

Канцеларијата на генералниот инспектор на американскиот Стејт департмент ја истражува американската амбасадорка во Грција, Кимберли Гилфојл, како и амбасадата со која раководи. Информацијата ја потврдиле два извора запознаени со постапката.

Истрагата е покрената откако Ерик Дитерс, правен советник и долгогодишен донатор на Доналд Трамп, ја обвини Гилфојл дека од него побарала 100.000 долари за да го подмири долгот на својата кредитна картичка. Според неговите тврдења, тоа се случило неколку дена пред сослушувањето за потврдување на нејзиното именување во 2025 година, а за возврат таа му ветила пристап до високи функционери во администрацијата, објави „Ен-би-си њуз“ (NBC News).

„Рече дека во кругот на Трамп можела да побара што било“

„Очајно ѝ беа потребни тие 100.000 долари. Тоа беше класичен случај на услуга за возврат“, изјави Дитерс во интервју во четвртокот.

Дитерс му доставил на „Ен-би-си њуз“ (NBC News) ПДФ-документ со наводна размена на пораки со Гилфојл преку СМС и апликацијата „Сигнал“. За овие пораки прв објави „Волстрит џурнал“, додека веста за истрагата прв ја објави „Дејли мејл“.

Една од пораките наводно покажува како Гилфојл му дава инструкции на Дитерс да ги уплати парите директно на „Американ експрес“, за трансакцијата „да не се гледа никаде“. Дитерс тврди дека не ги уплатил парите.

Џеј Ди Венс: На луѓето не им се суди во јавност

Адвокатот на Кимберли Гилфојл не одговори на барањето за коментар. За „Волстрит џурнал“ изјави дека таа ја оспорува автентичноста на пораките, но не понудил конкретни детали.

Потпретседателот Џеј Ди Венс во петокот изјави дека станува збор за обвинувања и дека „на луѓето не им се суди во јавност“. Тој ги опиша тврдењата на Дитерс како „приказна на едно лице“.

Белата куќа немаше коментар.

Висок дипломатски функционер изјави дека веста за истрагата предизвикала голема вознемиреност во Стејт департментот. Тој ја опишал постапката како ретка, посочувајќи дека Канцеларијата на генералниот инспектор е позната по рутинските инспекции на амбасадите, а не по ваков вид истраги.

Портпарол на Канцеларијата на генералниот инспектор изјавил дека тоа тело ниту ги потврдува, ниту ги демантира, ниту ги коментира истрагите.

И Стејт департментот одби да ги коментира обвинувањата против Гилфојл, како и самата истражна постапка.

Истрагите на генералниот инспектор за можни етички прекршувања од страна на американски амбасадори се ретки, но се случувале и во минатото. За време на првата администрација на Трамп, под истрага бил Вуди Џонсон, тогашен амбасадор во Обединетото Кралство и долгогодишен донатор на Републиканската партија.