Македонскиот боксер Ален Рустемовски загуби со судиска одлука во полуфиналето на Медитеранските игри во Таранто, но македонската делегација поднесе жалба на исходот од борбата. Рустемовски во секој случај има обезбедено најмалку бронзен медал, петти за Македонија на Игрите.
Рустемовски денеска во полуфиналето беше поразен од шпанскиот боксер Еварт Андрес Марин Ернандез со судиска одлука 1-4.
Сепак, Македонскиот олимписки комитет и Боксерската федерација на Македонија не се согласуваат со одлуката на судиите. Генералниот секретар на МОК, Ѓорѓи Тасев, заедно со претстаници на Боксерската федерација, поднесоа официјална жалба до надлежните во Светската боксерска федерација.
Од македонската делегација информираат дека, според правилата, до крајот на денот треба да добијат одговор дали ќе биде поведена постапка и дали постои основа за евентуална промена на одлуката.
До донесувањето на конечната одлука, Рустемовски останува бронзен медалист. Тоа е вкупно петто одличје за Македонија на Медитеранските игри во Таранто. Претходно Фати Вејсели и Реџеп Хајдари освоија сребра во борење, а Ахмад Магомедов и Вероника Консевич бронзени медали.












