Главната разузнавачка управа на Министерството за одбрана на Украина вчера соопшти дека во Харков е убиен генерал-мајор на руската армија.
„Уште еден пораз меѓу највисокиот тим на окупаторската армија. За време на битките кај Харков, елиминиран е Виталиј Герасимов – руски воен командант, генерал-мајор, началник на Генералштабот и прв заменик командант на 41-та армија на Централниот воен округ на Русија. Неколку Високи офицери на руската армија беа убиени и ранети“ , соопшти украинското Министерство за одбрана,
Виталиј Герасимов учествуваше во Втората чеченска војна и руската воена операција во Сирија. Го доби медалот „за враќање на Крим“, соопштија од министерството.
Според „Гардијан“, украинските сили дошле до информација дека генералот бил убиен со прислушување на телефонски разговор меѓу двајца руски разузнавачи. Разузнавачите, наводно, коментирале за смртта на генералот за време на разговорите и заклучиле дека безбедните канали за комуникација во Украина повеќе не функционираат.
Русија се уште не ја коментирала веста, а ако е вистинита, ова е втор руски генерал убиен за време на нападот на Украина. Првиот што беше убиен во Украина беше генералот Андреј Суховецки, командант на седмата воздушнодесантна дивизија на Русија, исто така ветеран од борбите во Сирија.
