Уништени се 470 килограми ќебапи, плескавици и внатрешни органи пронајдени во нерегистрирана комора во Општина Василево, соопшти Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ). Месото било откриено минатата недела при вонреден инспекциски надзор кај месарница во општината и сместено во комора што не била регистрирана во АХВ.
„При спроведување на контролата, официјалните ветеринари на АХВ во комората пронајдоа и запленија 400 килограми замрзнати подготовки од месо, плескавици и ќебапи, како и 70 килограми внатрешни органи. Целокупната запленета количина подготиовки од месо и внатрешни органи нештетно се уништени на депонија, согласно пропишаните законски процедури“, соопшти АХВ.


При инспекцискиот надзор се констатирани неправилности, изречена е мерка за времено затворање на комората, а на правното лице му се изречени и парични казни поради работа на нерегистриран објект и неозначување на производите.
Во периодот од јануари до август 2026 година, инспекциските служби на АХВ спровеле вкупно 74.838 инспекциски надзори, пришто се уништени 69.776 килограми небезбедна храна од домашниот промет и од увоз, забранет е увоз на 21.105 килограми небезбедна храна од неживотинско потекло, а во земјите на потекло се вратени пратки со вкупно 122.602 килограми храна од животинско потекло.













