Обвинувања за пропагандни кампањи, криминал, сомнителни финансиски трансфери, како и за лаги и ширење на политичка хистерија си разменија претседателот на СДСМ, Венко Филипче, и премиерот на седницата за пратенички прашања. Филипче го обвини Мицкоски за криминални врски со Орбан и Вучиќ, како и за можни трансфери на пари од Србија во Македонија, наведувајќи дека неодамна видел документи поврзани со овие сомнежи.
„Сакам да кажам почитуван премиере, но не можам. Ја почитувам функцијата, но не и тебе. Користиш разноразни пропагандни механизми, лажни кампањи, оцрнувања, дискредитации, создаваш простор за политички острел на твоите политички противници, но и на твои блиски луѓе што не работат така како што ти им диктираш. Ја промаши професијата – би бил добар уредник на „Информер“ или на „Колегиум“, рече Венко Филипче, пратеник и претседател на СДСМ.
Од говорницата Филипче побара премиерот да ги исполни ветувањата за враќање на името, поништување на Преспанскиот договор и промени во договорот со Бугарија и преговарачката рамка.
Обвини и за распродавање на државното земјиште со отворање на рудници велејќи дека, доколку почнат постапките, ќе се соочат со силен отпор и „жив ѕид„ од граѓаните.
Премиерот возврати велејќи дека не ја распродава државата,туку го враќа тоа што СДСМ го распродале. Рече дека владата извојувала победа во меѓународната арбитражна постапка за Казандол и државата нема да има никакви трошоци, а проектот за антимон во местото Луке ја ужива поддршката и на локалната власт. Ги отфрли и другите обвинувања, оценувајќи ги како лаги и политичка хистерија што ја рефлектира немоќта на опозицијата.
„Во овие шест месеци нема ни „к“ од криминал за кој ме обвинувате, туку потврда дека оваа влада за оваа држава направила добро дело. Ме обвинивте дека сум трансферирал дрога, пари, што сѐ не се изнаслушав – од тоа дека сум идиот и не знам уште што. Нема да се спуштам на тоа ниво и да ви одговорам, мислам дека не заслужувате. Тоа е нешто што се учи во првите седум години, а вие тогаш очигледно сте бил фрустриран. Моите први седум години беа среќни“, одговори Христијан Мицкоски, премиер.
Седницата и во продолжение содржеше повеќе меѓусебни обвинувања од прашања.













