Опозицискиот блок на поранешниот шеф на израелскиот Генералштаб, Гади Ајзенкот, оствари тесна победа на денешните парламентарни избори во Израел, покажуваат првите излезни анкети. Владејачката Ликуд поединечно има најголем број на пратеници, но коалицијата на Јашар, партијата на Ајзенкот, има повеќе вкупно.
Од друга страна, Арапските партии освојуваат рекордно висок број на мандати, што може да им ги помати сметките на Ајзенкот и Нетанјаху. Уште во текот на гласањето, покрај невообичаено високата излезност на ниво на цела држава, забележлив беше изненадувачки висок одзив во арапските средини.
Аналитичарите веднаш посочија дека зголемената поддршка за арапските партии ќе се одрази врз помалите израелски политички партии, кои може да не го достигнат прагот од 3,25 проценти. Сите досегашни израелски влади биле составени од повеќе партиски коалиции, а поголемиот број арапски пратеници во Кнесетот би можел да значи дека нивната поддршка ќе биде клучна за формирањето на идната влада.
Но, и Нетанјаху и Ајзенкот во предизборната кампања категорично исклучија соработка со нив. Освен тоа, израелскиот систем се разликува во тоа што претседателот на државата не го дава автоматски мандатот на победникот, туку одржува консултации со сите партии, и го доделува мандатот на партискиот лидер за кој смета дека има најголеми шанси да формира влада.












