Уставните измени се чекорот што треба да го направи земјава за да продолжи евроинтегративниот процес без дополнителни политички одлуки, порача еврокомесарката за проширување Марта Кос по денешната тет-а-тет средба во Брисел со вицепремиерот и министер за европски прашања Беким Сали. На средбата беа разгледани Планот за раст и евроинтегративниот процес на земјава, при што Кос упати апел до Владата да ја исполни обврската во однос на уставните измени.
„Нема многу работи што треба да се направат. Има многу, но станува збор за еден чекор, уставните измени. Откако ќе бидат усвоени уставните амандмани, ќе можеме да продолжиме без дополнителни политички одлуки. Затоа, ова е мојот апел до Владата: ве молам, направете го тоа, исполнете ја вашата обврска. Сигурна сум дека тогаш ќе можеме да продолжиме напред, во најдобар интерес на вашите граѓани“, посочи Марта Кос, еврокомесарка за проширување.
Таа оцени дека актуелниот момент е можност за напредок на Северна Македонија кон ЕУ, посочувајќи го напредокот на други земји од Западен Балкан. Министерот Сали го поздрави Соопштението на Европската комисија „Preparing for a Wider Union“, нагласувајќи ја важноста на попредвидлив процес на проширување, заснован на заслуги и мерливи резултати.













