Расте интересот за вакцинација против сезонски грип кај ризичните категории граѓани. Возрасните над 65 години и хронично болните се најбројните меѓу нив кои се пријавиле на МОЈ ТЕРМИН, велат дека секоја година навремено се пријавуваат за оваа вакцина.
„Треба да се вакцинираме. Стари луѓе, треба да бидеме здрави, да не се плашиме од грипот.
Јас паметам од секогаш и помлад кога сум бил сум се вакцинирал. Секоја вакцина ја имам примено .И јас и сопругата исто.
Секоја година, веќе 8 години ја примам. Секоја година и немам никаков проблем.
Кој е Вашиот апел ?
Јас цело време апелирам, ама некаде успевам некаде не. Уште има анти ваксери без основа“, велат граѓани.
Во текот на овие дена на ниво на Здравствен дом Скопје до 14 часот денеска се вакцинирале над 200 граѓани. Највозрасната пациентка има 94 години. Но тоа што загрижува е слабиот интерес кај здравствените работници.
„За жал мораме да констатираме и да ја кажеме реалната состојба, заинтерисираноста кај здравствените работници е мала. Околу 1800 наши колеги се регистрирани на vakcinacija.mk . Ако го земеме предвид вкупниот број на пријавени граѓани преку 55.000 навистина ќе признаеме ова е многу мала бројка“, рече Каролина Ристова- Стефановска, раководител на Служба за примарна и превентивна здравствена заштита.
До сега според податоците на Институтот за јавно здравје има два потврдени случаи на грип тип А, но и 65 случаи кои се слични на грип, но не се лабораториски потврдени .
Вон редовниот термин за имунизација на здравствените работници во Институтот за јавно здравје, мобилни тимови на Институтот со однапред подготвен распоред на здравствени работници по клиники ги вакциниират на лице место сите кои пројавиле интерес.
Според податоците на Министерството за здравство најмногу пријавени за вакцинација против сезонски грип има во Скопје, Прилеп, Струмица и Тетово.
Нина Стефанова













