Последните воени конфликти во Украина и Иран покажуваат дека има еволуција и револуција во начинот на современото војување. Револуцијата ја иницираше еволуцијата во военото дејствување и тие не може да се разделат, бидејќи се поврзани и се комплементарни. Ова е ставот на началникот на Генералштабот, генерал-мајор Сашо Лафчиски, на денешната Панел дискусија „Еволуција или Револуција во Војувањето? Од Заливската војна до Украина: континуитет, промени и иднината на колективната одбрана на НАТО“ во организација на Институтот за национална историја и Фондацијата „Конрад Аденауер“
„Ако имате импресивен развој на технологијата во еден период, тогаш повеќе од извесно е дека ќе има револуција во начинот на војувањето. Технологијата ја поттикнува револуционерната измена, но адаптацијата, лидерството и човечкиот потенцијал, одржливост и отпорност одлучуваат како прометните ќе се преведат во воена и стратешка победа“, изјави генерал-мајор, Сашо Лафчиски, началник на ГШ на АРМ.
Меѓутоа, воведувањето на нови технологии значи адаптација од двете страни кои војуваат и тоа се покажало во конфликтот во Авганистан.
„Во Авганистан и во Ирак, на самиот почеток, во првите месеци и првата година од конфликтот имавме исполнување на сите воени цели, користејќи ја методологијата што беше признаена како екстравагантна од претходната војна. Природата на военото поле се смени поради противникот. Противникот се адаптираше на новите технологии на новата, да речеме, методологија, кој беше користена во претходната војна. Тие учеа од неа“, додаде Лафчиски.
Безбедносниот експерт Зоран Иванов смета дека стручната јавност е поделена кога станува збор за прашањето дали се работи за еволуција или револуција. Целта на анализата и Панел дискусијата е како државата и институциите да се постават соодветно на брзите и динамични промени на оперативното опкружување и како да ги користат.
„Како ние, институциите на државата, и оние кои се засегнати со одбраната и безбедноста да се постават подобро и да ги разберат промените, да дојдеме до соодветен заклучок, каде треба да се промениме, што треба да внесеме институционално, која технологија, бидејќи внесувањето на технологијата не значи само дека ние ќе бидеме многу подобри. Еве да ги имаме најновите супер модели на вештачката интелигенција, не значи дека ќе бидеме подобри“, рече безбедносниот експерт Зоран Иванов.
Директорот на Институтот за национална историја, Митко Панов истакна дека актуелните воени конфликти, забрзаниот технолошки развој и сè поголемата улога на вештачката интелигенција наметнуваат потреба од нови анализи и пристапи во разбирањето на современото војување.
„Како историчар, секогаш сметам дека тоа е една еволуција, еден подолг временски период со кој што државата и сите држави вклучително, да се адаптираат на новите начини на војување. Знаете, технологијата и вештачката интелигенција го прават своето“, смета Митко Панов, директор на Институт за национална историја (ИНИ).
Од ИНИ велат дека целта на Панел дискусијата е преку дијалог меѓу академската заедница и безбедносните институции да се согледаат современите предизвици низ призмата на историските искуства.
Огнен Чанчаревиќ













