Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

Чад од потпалувања и воздух со солзавец над Тирана – шести ден од антивладините протести во Албанија, Рама обвини за странско влијание

/

Свет

Сподели преку :

Шести ден во низа од антивладините протести во Албанија. Демонстрантите фрлаат камења и Молотови коктели кон полицијата која возвраќа со водени топови, солзавец и гумени куршуми. Сцените низ градот се запалени и превртени автомобили и контејнери, оштетени продавници и опожарени државни институции.

Демонстрантите и полицијата синоќа се судрија на неколку локации во Тирана која личи на забранета зона. Најкритично беше пред канцеларијата на премиерот Еди Рама од кого се бара оставка поради коруптивни афери во неговата влада.

Рама, кој е на функција од 2013 година и го служи својот четврти мандат, го отфрли барањето и ја обвини опозицијата за поттикнување на судирите. Во денешното обраќање во живо преку Фејсбук посочи на странско влијание во насилните протести, со цел да се попречи земјата за членство во Европската Унија. Според него, објектот на владата деновиве бил цел на дрон со експлозив кој бил на навреме пресретнат и неутрализиран.

„Овде е вмешан и криминал. Пред два дена беше неутрализиран дрон, што носеше експлозив наменет за напад врз Кабинетот на премиерот. Целта била да се предизвика пожар во внатрешниот двор, каде што се наоѓа онаа дрвена конструкција, а само Господ знае какви би можеле да бидат последиците. Ниту еден млад човек, ниту еден студент, ниту пак малолетник, не би можел да смисли таков план, а камоли да го спроведе. Ова е дело на странска рака“, изјави Еди Рама, премиер на Албанија

Рама со додворувачки тон и до средношколците и студентите. Ги повика на дијалог на место кое што тие ќе го одберат.

„Ги повикувам сите што сакаат дијалог, сите што сакаат да се сретнат со мене, без разлика дали пред камери или без нив, со или без присуство на фотографи, да седнеме и да разговараме, било во Кабинетот на премиерот, на универзитетот или на кое било друго место што вам ви одговара. Да поразговараме за тоа што ве мачи, што сакате, што можеме да направиме за вас и како можеме да ги подобриме работите“, додаде Рама.

Според албанското Министерство за здравство, досега се повредени вкупно 272 луѓе од кои 65 само вчера. Меѓу нив има 37 полицајци, 24 демонстранти и тројца случајни минувачи и едно малолетно лице. Полициски извори, пак, соопштија дека за време на немирите се уапсени 167 лица.

Најновите протести следуваат по повеќемесечни собири во Тирана, организирани од таканареченото движење „Фламинго“ кое настана како реакција против изградбата на голем луксузен туристички комплекс на јужниот брег на Албанија, поврзан со инвестициска фирма основана од Џаред Кушнер, зетот на американскиот претседател Доналд Трамп.

Сашко Димовски