Шеснаесетгодишник застрела три деца и наставник во основно училиште во американската сојузна држава Орегон, по што бил убиен од случаен минувач, соопшти полицијата.
Според полицијата, осомничениот – чиј идентитет не е откриен – во четвртокот попладне насилно влегол во основното училиште „Силвер рејл“во градот Бенд, пукајќи во заклучените врати.
Шефот на полицијата во Бенд, Мајк Кранц, изјави дека тинејџерот бил застрелан од граѓанин кој „го следел внатре во училиштето и се соочил со него“.
Убиените деца имале пет, осум и 11 години. Едно седумгодишно дете и 54-годишен наставник се пренесени во болница во критична состојба, соопшти полицијата. Засега не е јасно дали напаѓачот имал некаква поврзаност со училиштето.
Службите за итни случаи одговорија на пријавите за активен напаѓач во основното училиште Силвер Реил во Бенд, Орегон, во 12:59 часот по локално време, изјави портпаролката на полициската управа на Бенд, Шила Милер.
Првиот повик дошол од лице кое рекло дека непознат осомничен пука во нивниот автомобил со долг пиштол, вели полицијата. Фотографиите објавени од местото на настанот покажуваат црвен камион со дупки од куршуми.
Неколку минути подоцна, локалната служба на округот доби повеќе повици на 911 во кои се известува дека напаѓачот влегол во училиштето.
Полицијата вели дека пукал во бравите на вратите за да се пробие внатре.
Случаен минувач видел како пукањето почнува да се одвива, го гонел напаѓачот во училиштето и го застрелал, соопшти полицијата.
Три минути подоцна, полицајците пристигнале на местото на настанот. Тие потврдиле дека напаѓачот е убиен, а потоа го пребарале училиштето.
- „Она што се случи денес, никогаш не смееше да се случи. Како и многумина во нашата заедница, тешко ми е да ја сфатам оваа загуба, која изгледа незамислива. Ги повикувам жителите на нашата заедница да најдат утеха едни во други и да им дадат поддршка на семејствата, учениците, наставниците и училишниот персонал, кои денес носат огромен товар. Во наредните денови ќе има можности за заедничко собирање, вклучително и вечерашен собир на заедницата, каде што ќе можеме заедно да тагуваме, да им оддадеме почит на погодените и на оние што ги изгубивме, и да го започнеме тешкиот процес на заздравување. Во име на градот Бенд, изразувам длабоко сочувство до секој поединец погоден од оваа трагедија. Тагуваме заедно со вас!“ – Мелани Киблер, градоначалник на Бенд.
Училиштата низ градот Бенд се затворени денеска, надлежните изјавија дека на заедницата ѝ е потребно време за закрепнување. Според полицијата, во основното училиште „Силвер рејл“ (Silver Rail) наставата ја посетуваат околу 450 деца, а во училиштето се вработени повеќе од 40 возрасни лица.
Според извештаите на локалните медиуми, училиштето во 2022 година добило нови врати, кои овозможуваат заклучување на училниците со едноставно притискање на прекинувач.
Според базата на податоци за пукања во училиштата (K-12 School Shooting Database), минатата година во американските училишта се случиле 235 инциденти со употреба на огнено оружје, а оваа година, заклучно со овој случај, се евидентирани најмалку 140 такви инциденти.
Б.С.












