Американскиот претседател Доналд Трамп побара оставка од амбасадорката на САД во Грција, Кимберли Гилфојл, поранешна свршеничка на неговиот син, Доналд Трамп Јуниор, потврди денеска Белата куќа.
Одлуката на администрацијата во Вашингтон доаѓа по низата медиумски извештаи за нејзиното наводно фаворизирање на бизнис интереси, поврзаноста со луксузни патувања на сметка на грчки деловни луѓе и барањето 100.000 долари од републикански донатор за пристап по високи претставници во администрацијата на Трамп.
Барањето на Трамп го потврди портпаролката на Белата куќа, Кети Захариа на нејзината прва прес-конференција во новата улога.
Гилфојл во изминатиот период се најде под голем притисок поради откритието на Волт Стрит Журнал за нејзиното однесување по преземање на амбасадорскиот ангажман и за време на нејзината работа во Атина.
Кимберли Гилфојл со години беше дел од најтесниот политички и семеен круг на луѓе на Трамп. Таа е поранешна обвинителка и ТВ водителка со повеќе од еден деценија стаж во Фокс Њуз. Пред врската со Доналд Трамп Јуниор, Гилфојл беше во брак со актуелниот гувернер на Калифорнија, Гевин Њусом.
Со највозрасниот син на Трамп беше во врска уште за време на првиот мандат на актуелниот американски претседател. Гилфојл и Доналд Трамп Јуниор се свршија во 2020 година. Четири години подоцна се распадна нивната врска, откако Доналд Трамп Јуниор почна да се појавува во јавност со Бетина Андерсон, врска што подоцна беше крунисана со брак. Кратко по разделбата, Трамп ја предложи за американската амбасадорка во Грција, а сега бара да се повлече од функција по низата контроверзи и јавни обвинувања.












