Стартуваат пресметките за новата цена на струјата за граѓаните и малите потрошувачи. Дел од енергетските компании – МЕМО, Електродистрибуција и ЕСМ- Подружница Енергетика ги доставија пресметките до Регулаторната комисија. Рокот беше до 30 септември.
Во дел од нив е наведено какви корекции се бараат. Па, така на пример, ЕСМ –Енергетика кои вршат дистрибуција на електрична енергија до компаниите кои се во кругот на Железара, бараат скоро 53 отсто зголемување на цената на нивната услуга – односно од 0,4 на 0, 6 денари за киловат час.
Од МЕМО не бараат корекција. Електродистрибуција во пресметката немаат наведена каква треба да биде цената за дистрибуцијата, затоа што се уште не им е завршена постапката за набавка на струјата, за покривање на загубите. Единствено МЕПСО нема доставено барање. Пресметките ќе ги испорачаат утре.
-Имајќи предвид дека новиот Правилник е донесен само еден ден пред истекот на рокот за доставување на Барањето, а со него се воведени дополнителни барања за податоци и аналитички приказ на приходите и трошоците во регулираниот период, беше потребно дополнително време за обработка, усогласување и проверка на податоците. МЕПСО ќе ги финализира и достави Барањето до РКЕ во текот на утрешниот ден, велат од МЕПСО.
Сепак, какви сметки ќе плаќаат граѓаните од први јануари, најмногу зависи од цената за произведената струја која ќе ја достави ЕСМ.
Во моментов е 65 евра за мегават час. До крајот на ноември треба да достават нова понуда. До сега неколку пати премиерот Мицксоки кажа дека се прави обид цената да остане иста, па дури и да се намали.
Паралелно до РКЕ пристигнато е и барање од компанијата НОМАГАС за нова повисока цена за пренос на гасот и тоа за 37 отсто, поради зголемени инвестиции во изминатиот период.
Во меѓувреме цените на берзите растат. На струјата надминува 200 евра за мегават час, на гасот се искачи до 86 евра за мегават час – највисоко од декември 2022 година- кога беше претходната енергетска криза.
По, ваквите бројки, останува да се види дали на домашен терен ќе се успее да се скрои иста или можеби пониска цена за домаќинствата и малите потрошувачи, какви што се најавите од Владата.
Ирена Чачкова













