Меѓу 140 и 200 милиони денари фирмите за брзи кредити наплатиле од клиентите под параванот на опомени и известувања за неплатен долг во последните три и пол години, соопшти пазарната инспекција. Овие пари ќе бидат вратени на над 26 илјади граѓани во наредните три месеци, а на 18 финансиски друштва за брзи кредити им се изречени казни во висина од 3,5 милиони денари .
Засега нема забара за работа на ниту едно друштво за брзи кредити.
Контролата траела три месеци за пазарните инспектори ги провериле сите 27 лиценцирани друштва за брзи кредити. Во две третини од нив – 18 нашле неправилности.
„Спроведуваат активности на нечесна трговска практика, односно во договорите за потрошувачки кредити се содржани нечесни трговски одредби. Изречени се соодветни мерки во согласност со законот и издадени се платни налози со вкупен износ од над три и пол милиони денари – рече Влатко Стојкоски, директор на Државен пазарен инспекторат (ДПИ).
Од министерството за финансии соопштија дека тие ги откриле незаконските наплати и ја информирале пазарната инспекција која единствена има надлежност во тој дел од прекршоците.
„Уште во 2024 година, Министерството за финансии достави известување до сите финансиски друштва дека не смеат да вршат наплата на доставување известувања или опомени поради доцнење или неплаќање на парични обврски, односно спротивно на член 36. При теренските и вонтереснките надзори увиде можна наплата на надоместоци која е спротивна на член 36, но од причина што нема надлежност да изрекува мерки по овој закон, за истото го извести ДПИ“, информираа од Министерството за финансии.
Пазарната инспекција не ја исклучува можноста да се провери работењето на финансиските друштва – банките во делот на провизии, каде според официјалните податоци се наплатени над сто милиони евра.
„Да, имаме план, меѓутоа ќе оставиме сега да не коментирам повеќе од ова. Свесни сме и надгледуваме уште кога ја почнавме оваа акција“, рече Стојкоски.
Во периодот од јули 2024 година заклучно со минатиот месец, министерството за финансии има изречено казни на 18 финансиски друштва за брзи кредити, затвори две, а казните се во висина од 3 милиони денари 46.400 евра што е 0,15 проценти од вкупната добивка на секторот во 2025 година кој изнесува 29,6 милиони евра.
Од партијата „Левица“ најавија дека ќе поднесат законски измени за да се забрани рекламирање на финансиските друштва за брзи кредити, а потоа и да се регулира присилната наплата и скриените трошоци на начин што надзорот би бил кај НБРМ.
Според истражувањето на порталот „ИРЛ“ заклучно со јуни годинава финансиските друштва за брзи кредити имаат 263 илјади активни кредити а граѓаните им должат 237 милиони евра












