Новиот сообраќаен режим на 17 улици во Тетово е наменет за намалување на метежот, но возачите како да ги игнорираат новите знаци за еднонасочен сообраќај, со што директно ги доведуваат во опасност пешаците и учениците. Додека граѓаните се жалат на лоши сообраќајни решенија и тешко ги менуваат старите навики, од Општина Тетово тврдат дека измените се направени по детална анализа за решавање на паркирањето.
На улицата „Иво Рибар-Лола“ во Тетово од скоро време е воведен еднонасочен сообраќај, но како што може да се забележи тоа не се почитува од возачите. Улицата е една од најдолгите во градот, а специфична е по тоа што на овој потег од 300 метри се наоѓаат три училишта и неколку државни установи. Поради големата фреквенција на возила и луѓе во опасност се доведени и голем број деца – ученици, кои пеш се движат до образовните установи.
Дел од анкетираните граѓани признаваат дека има непочитување на сообраќајните знаци во градот, пред сѐ поради неволноста за промена на навиките. Но, и се смета дека во Тетово нема доволна патна инфраструктура и соодветни сообраќајни решенија:
„Недостиг на почитување на сообраќајните знаци има баш од аспект на тоа како се практичноста направена и навиката на граѓаните коишто тешко се променуваат со вакви одлуки. Не се комплетно решени, поготово горниот дел со еднонасочните улици“.
Од Општина Тетово велат дека нивната сообраќајна студија и теренско извидување, покажале потреба за воведување на еднонасочни улици токму како решение за намалувањето на сообраќајниот метеж и создавањето повеќе услови за паркирање.
„Пренасочувањето на одредени улици во градот е резултат на претходна анализа направена во комисијата за решавање на сообраќајниот метеж. Поточно проблемот со паркирањето во одредени урбани блокови во центарот на градот, но и пошироко од него. Со овие измени се опфатени вкупно 5 урбана блокови, каде што се пренасочени дел од улиците. Поточно согласно последната одлука, вкупно 17 улици се изменети. Со овие измени целта е да се регулира сообраќајот во градот, движењето на возилата да се зголеми безбедноста, но и да се обезбедат повеќе паркинг места за возилата во овие населби“, вели за Телма, портпаролката на Општина Тетово, Милена Вуческа.
Според податоците на Полициската станица за безбедност на патниот сообраќај само во текот на минатиот месец септември се евидентирани 57 казни за непрописно и неправилно паркирање на подрачје на градот Тетово.
Александар Самарџиев













