Претседателот Доналд Трамп во петокот објави дека Кејти Закарија, советничка за комуникации во неговата медиумска компанија, ќе ја наследи Каролин Ливит на функцијата портпаролка на Белата куќа.
Трамп го објави изборот на Закарија на својата платформа „Трут соушл“, каде што често објавува политички и официјални соопштенија. Закарија е конзервативна коментаторка во Trump Media & Technology Group, компанијата што ја управува социјалната мрежа.
Каролин Ливит, ја напушти функцијата на крајот на август, по раѓањето на своето второ дете.
„За мене е голема чест што штотуку ја назначив Кејти Закарија за портпаролка на Белата куќа“, напиша претседателот во објава на неговата социјалната мрежа.
Изборот на Закарија, ја става во центарот на напорите на Белата куќа да ја обликува јавната перцепција за вториот претседателски мандат на Трамп, во време кога неговиот рејтинг на одобрување паѓа на рекордно ниско ниво, а неговата партија се бори да ја задржи контролата врз Конгресот на изборите на средината на претседателскиот мандат, кои ќе се одржат следниот месец.
Трамп ги повика своите поддржувачи да гласаат како неговото име да се наоѓа на гласачкото ливче, претворајќи ги изборите во референдум за неговото претседателствување, во услови на широко распространето незадоволство од економската состојба и непопуларната војна со Иран.












