Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

Доживотен затвор за монструмот од Нагоричане – убил четири жени и се обидел да убие уште две

/

Македонија

Сподели преку :

Најтешката казна, доживотен затвор, доби серискиот убиец од Старо Нагоричане, 25-годишниот Трајко Бојковски. Тој во кумановските села уби четири жени, а се обиде да убие уште две за што судот пресуди дека е виновен.

Судијата Мирсад Суроји истакна дека на ваква казна се одлучил, бидејќи нема поправка за делата кои ги сторил, дека Бојковски е опасен за сите и со право била вознемиреноста на населението во околните села каде тој убивал. Нема шанси за ресоцијализација, бидејќи делата ги сторил од патолошки ниски побуди, на жените им се прикрадувал, свирепо ги убивал, па ги силувал.

„Судот се соочи, значи, со еден од најтешките, најморничавите и најкомпексни предмети во новата судска историја во државата. Сериско одземање на човечки животи, проследено со крајно девијантно поведение. При одмерување на казната, Советот не најде ниту една олеснителна околност што би можела да ја ублажи одговорноста на обвинетиот Трајче. Напротив, неговиот криминолошки лик укажува на сторител кој манифестира крајна изопаченост, монструозност и апсолутно отсуство на човечност“, рече судијата Мирсад Суроји при образложување на пресудата.

Според пресудата, Бојковски убиствата ги сторил од јануари лани до февруари оваа година кога беше откриен. Успеал да задави четири повозрасни и една помлада жена, а тоа го сторил од некрофилски причини. Две баби кои ги нападна во нивниот дом само случајност ги спасила, бидејќи тој се исплашил и избегал, а сите случаи беа пријавени во полиција. Сепак три од четирите жртви беа есхумирани, па им беше направена обдукција, бидејќи ниту полицијата, ниту докторите не утврдиле дека има траги на насилство, па беа закопани како да починале од природна смрт.

Обвинителот кој го истражуваше случајот, Љубомир Лапе, е задоволен од денешната пресуда за Бојковски, додека вели дека повеќе не е надлежен ниту за истрагите за двајцата лекари, ниту пак за постапувањето на полицајците.

„Ова јавно обвинителство побара пренесување на месна надлежност за предметот за докторите да постапува друго обвинителство поради одредени причини кои што се наведени во Законот за кривична постапка. И Вишото обвинителство – Скопје ваквиот предлог го уважи. По однос на постапувањето на полициските службеници, јас во тие истражни дејствија кои што ги преземав во овој кривичен предмет, не утврдив дека постојат некои сериозни пропусти кои би можеле да им бидат ставени на товар на полициските службеници“, изјави обвинителот Љубомир Лапе.

Ова е еден од најтешките случаи каде сериските убиства се сторени од некрофилски причини. Бојковски призна три убиства додека едно и обидите за убиство ги негираше. Тврдеше дека убивал за пари. Неговиот адвокат назначен по службена должност не откри дали ќе ја обжали доживотната пресуда. Бојковски останува во притвор до нејзината правосилност.

Билјана Николовска Тодорова

Jumbo 2