Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

Крадци украле 30.000 шишиња вино во вредност од 5 милиони евра во Италија

/

Свет

Сподели преку :

Крадци украле 30.000 шишиња вино, чија вкупна вредност изнесува околу 5 милиони евра, од познатата италијанска винарија „Маркиези Антинори“, објавуваат италијанските медиуми.

Според претставниците на една од најголемите семејни винарии во Италија, кражбата во нејзиниот магацин во Тоскана се случила во саботата, додека компанијата се подготвувала да испрати пратка до клиенти во странство.

Се верува дека најмалку седум маскирани мажи ги деактивирале алармите, ги исклучиле безбедносните камери и ги користеле виљушкарите на компанијата за да натоварат два големи камиона со некои од највредните тоскански црвени вина на компанијата — „Тињанело“ (Tignanello), „Солаја“ (Solaia) и „Гуадо ал Тасо“ (Guado al Tasso).

Извршниот директор на „Маркиези Антинори“, Ренцо Котарела за италијанскиот весник „Кориере дела Сера“ изјавил дека ова е најголемата кражба од ваков вид во Италија.

„Кражба од вакви размери и со ваква вредност сигурно никогаш досега не се случила во Италија“, изјавил тој.

Тој додал дека се надева оти надлежните органи ќе успеат да ја пронајдат украдената стока.

„Два камиона полни со стока не можат едноставно да исчезнат без трага. Патиштата во Тоскана се покриени со камери — можеби, со малку среќа, ќе успееме да вратиме барем дел од украдените шишиња“, рекол тој.

Компанијата смета дека изборот на украдените шишиња укажува на тоа дека крадците биле познавачи на виното и имале информации однатре. Цената на овие вина обично се движи меѓу 150 и 500 евра за шише.

Кражбата била откриена дури во понеделникот наутро, кога вработените пристигнале на работното место. Засега нема уапсени лица.

Винаријата „Маркиези Антинори“ е основана во 1385 година и извезува вина во 170 земји. Минатата година остварила приходи од 263 милиони евра.