Шпанскиот премиер, Педро Санчез, го распушти парламентот и закажа вонредни парламентарни избори во државата, кои ќе се одржат на 29-ти ноември.
По викендот поминат во консултации со неговите најблиски советници, во изјавата во палатата Монклоа во Мадрид, Санчез потврди дека ја променил својата одлука да го заврши четиригодишниот мандат, при што редовните избори требаше да се одржат наредната година.
„Затоа, дојде време Шпанците и Шпанките да одлучат каква иднина сакаат за себе и за својата земја. Сега сè зависи од вас. Само погледнете кон хоризонтот за да разберете дека светот влегува во многу сложена ера на трансформација и транзиција, време на големи тензии, климатска вонредна состојба, општествени промени, но и технолошки промени, со многу големи промени што ги носи вештачката интелигенција“ – изјави Санчез.
Шпанскиот премиер повеќепати инсистираше дека ќе го заврши својот четиригодишен мандат, при што изборите беа планирани за 2027 година. Одлуката за вонредни парламентари избори следува по парламентарниот пораз на малцинската влада на Санчез во петокот, кога пратениците ги отфрлија мерките насочени кон справување со станбената криза во Шпанија.
Санчез ги претстави изборите како клучна одлука за идниот правец на Шпанија, велејќи дека граѓаните треба да одлучат дали земјата ќе се приклучи кон она што тој го нарече „бран на крајната десница“ или ќе продолжи по патот на „отвореност, социјална правда и одговорност кон животната средина“.
„За да направиме повеќе, потребно е да ја обновиме и прошириме поддршката од граѓаните“, рече Санчез, додавајќи дека неговата цел е „да обезбеди многу пошироко прогресивно мнозинство во Парламентот“. Изборите следуваат по зголемениот јавен притисок поради високите трошоци за домување, кои предизвикаа огромни протести низ целата земја.
Во саботата, стотици илјади луѓе маршираа во Мадрид и други шпански градови барајќи подостапно домување.
Опозицијата, предводена од централно десничарската Народна Партија и партијата на крајната десница Вокс, во петокот ги отфрлија владините мерки, кои вклучуваа автоматско продолжување на договорите за закуп и ограничување на иселувањето на ранливите станари.
Парламентарниот пораз ги потенцираше тешкотиите со кои се соочува малцинската владина коалиција на Санчез при усвојувањето на законите. Шпанија, исто така, веќе неколку години функционира со буџетот од 2023 година, кој е последниот национален буџет усвоен во времето на владата на Санчез.
Протестите поради домувањето се интензивираа по иселувањето минатиот месец на 87-годишната Марикармен Абаскал од станот во Мадрид во кој живеела со децении. Оттогаш, стотици демонстранти поставија камп со шатори во центарот на градот.
Последните истражувања на јавното мислење генерално покажуваат дека опозициската конзервативна Народна партија има предност пред Социјалистичката работничка партија на Санчез.
Никола Илиевски












