Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

Кос: Европската комисија на 6 октомври ќе изнесе нови идеи за проширувањето

/

Македонија

Сподели преку :

Комесарката за проширување на ЕУ, Марта Кос на денешниот состанок на министрите за надворешни работи во Пржно, во рамки на Берлинскиот процес, изјави дека Европската комисија на 6 октомври ќе изнесе дополнителни идеи за тоа како може да се прошири постепената интеграција во ЕУ и истакна дека тоа не претставува замена за полноправно членство.

Кос, отворајќи го собирот во Црна Гора под наслов „Западниот Балкан во Европа која се менува“, истакна дека проширувањето на ЕУ е стратешки потфат. Таа ѝ честиташе на Црна Гора за реформските резултати на владата, укажувајќи дека земјата затворила 18 преговарачки поглавја, а се очекува затворање на уште неколку на следната меѓувладино конференција во средината на октомври.

„Сега сте во самата завршница, затоа сочувајте ја сета енергија за преговорите што претстојат. Ова ваше достигнување во Црна Гора создаде нов замав за проширувањето во целиот регион на Западниот Балкан“, рече Кос.

Таа најави и дека Европската комисија ќе изнесе дополнителни идеи за тоа како може да се прошири постепената интеграција и дека тоа ќе се случи следната недела, на 6 октомври, а основната идеја е „повеќе Европа пред членство“, иако, како што рече, тоа не претставува замена за полноправно членство.

„Тоа мора да биде јасно. ЕУ нуди заедничка иднина во која конфликтите од минатото губат на значење. Не заборавајте, интеграцијата во ЕУ е простор за помирување. Не смееме да заборавиме дека европската интеграција е изградена врз одлуката на некогашните непријатели да ги залечат раните од минатото“, рече таа.

Таа порача и дека тоа е огромна можност и за Западниот Балкан.

„Таму каде што соседите заеднички ќе се соочат со наследството од минатото, старите поделби со текот на времето можат да исчезнат, а тоа е од клучно значење за внатрешната кохезија и општествената стабилност на проширената Европска Унија. Затоа, ајде отворените билатерални прашања да ги решаваме во духот на Берлинскиот процес, преку добрососедски односи, регионална интеграција, меѓусебна доверба и соработка. Да ја искористиме оваа можност за проширување на ЕУ, заради иднината на оваа и на следните генерации“, истакна Кос.

Jumbo 2