Осум месеци откако американскиот претседател Доналд Трамп за малку не ја уништи северноатлантската алијанса со заканите за анектирање на Гренланд, тој вчера потпиша, како што го нарече, фантастичен договор, кој на Вашингтон му дава целосна воена контрола над автономната данска територија.
Но, и покрај обидот ова да се претстави како голема американска дипломатска победа, овој договор многу малку се разликува од досегашниот кој беше потпишан меѓу Соединетите држави и Данска уште во 1951 година.
Ова е прв пат да се впуштиме во обврзувачки договор како држава, ставајќи наш потпис до потписот на данскиот премиер и американскиот претседател. За нас, ова е огромен чекор напред во нашата цел за поголема автономија и поголемо место на масата. Ова е вистинска манифестација на гренландскиот напредок за поголемо влијание во надворешната политика, порача Наџа Натаниелсен, пратеничката од гренландската партија во данскиот парламент.
Токму афирмирањето на улогата на Гренланд на светската сцена, е и најпозитивниот исход од оваа сага, која трајно ѝ наштети на трансатлантската врска.
Европските држави беа толку загрижени поради американските закани за воено преземање на Гренланд и воведување на 25 проценти царини за сите кои ќе се обидат да го спречат Трамп да ја преземе оваа територија, што Европа започна да се подготвува за иднина на Западот без Америка.
Гледано од данска и европска перспектива, клучно е тоа што ја зајакнуваме целокупната безбедност во нашиот дел од светот, а тоа беше и желба на американскиот претседател, исто така. Да, ова беше долг процес, многу работи беа кажани и дискутирани, и не мора сега да навлегувам во сите дискусии кои се одржаа. Јас сум исклучително среќна за ова, рече по потпишувањето данската премиерка Мете Фредериксен.
Новиот договор, кој допрва треба да биде ратификуван од парламентите во данска и Гренланд, предвидува повеќе работи кои воопшто не се нови. Соединетите држави можат да изградат две нови бази на островот, на места на кои веќе имало американски воени бази.
Едната е затворена во 50-те години на минатиот век, додека другата е мала база на грендландската кучешка единица за спасување. Тоа што е ново, се членовите со кои се забранува присуството на трети држави на островот.
Ова е добар договор. Денеска го комплетиравме договорот со САД, кој го потпишавме заедно со американскиот претседател. Тој ја потврдува важноста на Гренланд за меѓународната одбранбена соработка. Тоа на што сум особено горд е дека овој договор утврдува дека Гренланд мора да се почитува. Нашето право на самоопределување се почитува, и секако, тоа за што зборуваме веќе долго време, дека нашата територија е неповредлива, изјави премиерот на Гренланд, Јанс Фредерик Нилсон.
По вчерашното потпишување, аналитичарите веднаш посочија на апсурдноста на целата оваа ситуација која на долг рок ги наруши односите меѓу Соединетите држави и Европа.
Данската разумна дипломатија, поддржана од европските сојузници, успеаја да му остават простор на Трамп да се повлече од заканите, во исто време претставувајќи го ова дома како победа.
Иако и Данска и Гренланд се свесни дека американскиот претседател не е познат по тоа дека ги почитува договорите кои тврди дека ги постигнал, сепак се уверени дека Вашингтон има поважни приоритети на домашна сцена со изборите, и на Блискиот исток на меѓународна.
Игор Трајков












