Вработен во Министерството за финансии – Управа за имотно правни работи во Струга, три години изработувал лажни решенија за приватизација на земјиште на други лица без претходно да обезбеди мислење од надлежна институција. Тој како советник ја злоупотребувал службената положба, ставал службен печат на решенијата и ги испраќал до Катастар.
Полицијата поднесе пријава против 61 годишниот стружанец за „злоупотреба на службена положба и овластување“, „несовесно работење во службата“ и „фалсификување службена исправа“. Но во пријавата не е наведено колку вакви решенија потпишал советникот.
„Пријавениот, вработен во Министерството за финансии – Управа за имотно правни работи Струга, како советник и овластен потписник на акти, злоупотребувајќи ја својата положба и овластување, во текот на 2022, 2023 и 2024 година изработувал лажни решенија за приватизација на земјиште на други лица, самоволно им втиснувал службен печат за правосилност и ги испраќал до Одделението за катастар на недвижности Струга, но претходно не ги испраќал до надлежна институција за мислење“, соопштуваат од МВР.













